Предавање на Кристоф Тун-Хоенштајн
Музејот на современата уметност – Скопје, во рамките на Интердисциплинарната програма, продолжува со серијата предавања. На 28 април (понеделник) со почеток во 19 часот, предавање ќе одржи Кристоф Тун-Хоенштајн на тема Регенеративна уметност во зачетокот на вештачката суперинтелигенција.
Во својата долгорочна, десетгодишна прогноза, извештајот за глобални ризици (Global Risks Report) за 2025 година ги наведува најсериозните закани денес 1) екстремните временски услови 2) губење на биодиверзитетот и колапс на екосистемите 3) критична промени на Земјените системи 4) намалување и недостиг на природни ресурси. На 5-то и 6-то место се рангирани дезинформациите и штетните последици од технологиите на вештачката интелигенција. Пол Хокен, американскиот активист за климатски промени и регенерација, ќе изјави „Ние или ја крадеме иднината или ја лечиме иднината“. Суштината на регенерацијата е да и’ вратиме на Земјата повеќе отколку што земаме од неа, да бидеме во хармонија со неа.
Уметноста е слободна, но тоа не ја ослободува од одговорноста. Како заедница, не очекуваме тсамо критички осврт на климатската криза, биодиверзитетот и еколошките дистопии; она што навистина е потребно е уметничка имагинација – визија што ќе нè инспирира како би изгледал еден регенеративен свет и како да стигнеме таму. Додека вештачката генеративна интелигенција (AGI) и идната суперинтелигенција сè повеќе го обликуваат нашето секојдневие, се потпираме на уметничката интелигенција да нè води во односот со технологијата и да го прикаже нејзиниот потенцијал за создавање регенеративна иднина. Основата за ова е ново поимање на достоинството –кое ги вклучува не само луѓето, туку и природата и нејзините видови, како и интелигентните „машински стореви“. Се надеваме дека уметноста ќе стане движечка сила на новото доба на регенерацијата – неисцрпен извор на севкупната обнова.
Кристоф Тун-Хоенштајн е автор и куратор кој работи на пресекот на ликовната уметност, медиумите, дизајнот, архитектурата, како и на теми поврзани со екологијата, климатските промени, регенерацијата, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Откако студирал право, политички науки и историја на уметноста на Универзитетот во Виена, Тун-Хоенштајн започнал кариера во австриското Министерство за надворешни работи, работeјќи во Абиџан, Женева и Бон. Од 1999 до 2007 година бил директор на Австрискиот културен форум во Њујорк. Во периодот од 2022 до 2025 година ја извршувал функцијата генерален директор за меѓународни односи во културата во истото министерство.
Помеѓу 2007 -2011 година, Тун-Хоенштајн бил генерален директор на Креативната агенција на градот Виена. Во периодот од 2011 до 2021 година, ја извршувал функцијата генерален и уметнички директор на МАК – Австрискиот музеј за применета уметност во Виена. Тој е основоположник на Виенското биенале за промени, кое го курираше од 2014 до 2022 година. Исто така го иницира Виенско биенале за климатски промени кое за прв пат се одржува во 2024 година.
Во 2024 година, Тун-Хоенштајн ја објавува книгата ,,Климатска резонанца: Преобликување на нашиот живот и на економската култура’’. Неговата актуелна работа се фокусира на достоинството на природата, интелигентните „машински ентитети“, како и на холистичката регенерација и регенеративните уметности во зачетокот на вештачката суперинтелигенција.
Изложбата „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции”, со отворање на 08.04.2025 во 20 часот е втора од изложбите планирани за 2025 година што овозможуваат препрочитување на избрани дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје.
Куратор: Матје Лелиевр
Соработник: Нада Прља
Уметници од колекцијата на МСУ-Скопје:
Пјер Алешински (БЕЛ/ФР), Могенс Андерсен (ДК/ФР), Доротео Арнаиз (ШП/ФР), Ана-Ева Бергман (НОР/ФР), Ларс Бо (ДК/ФР), Виктор Васарели (УГ/ФР), Брам ван Велде (НК/ФР), Владимир Величковиќ (СРБ), Марсел-Анри Вердрен (БЕЛ), Зао Ву-Ки (КИН/ФР), Кармен Грација (АР), Хисао Домото (ЈП/ФР), Серволо Есмералдо (БРА/ФР), Џереми Жентили (ВК/ФР), Кенџи Јошида (ЈП), Анџелика Капорасо (АР), Барбара Квасњевска (ПОЛ/ФР), Пиотр Ковалски (УКР/ФР), Карлос Круз-Диез (ВЕ/ФР), Вифредо Лам (КУ/ФР), Грета Леузингер (ЦХ), Чарлс Лојд (АУСТР), Грегори Масуровски (САД/ФР), Роберто Матта (ЧИЛ/ФР), Зоран Мушиќ (СЛ/ФР), Виргилије Невјестић (ХР), Мерет Опенхајм (ГЕР/ЦХ), Марио Прасино (ТР/ФР), Енрике Пејсере (АР/ФР), Жоан Рабаскал (ШП/ФР), Франсоа Стаљи (ГЕР/ФР), Зора Стаак (СРБ/ФР), Ана Старицки (УКР/ФР), Куми Сугаи (ЈП), Франтишек Тихи (ЧЕ), Курт Форс (ШВЕ), Тери Хаас (ЧЕ/ФР), Етиен Хајду (РО/ФР), Ханс Хартунг (ГЕР/ФР) и Серж Шаршун (РУ/ФР).
Уметници од колекцијата на macLYON:
Даниел Вале-Клајнер (ФР), Анж Литша (ФР), Шурук Хриеш (МА/ФР), Јасмина Чибиќ (СЛ/ВК).
Историјата на уметностa во дваесеттиот век, која е обележана со преселби и егзил на уметниците, ни открива една неверојатна разновидност на животни патешествија и уметничка практика. По Втората светска војна, голем дел од уметниците заминуваат во Париз, како космополитски град и светска крстосница, каде што се формираат многубројни меѓународни уметнички заедници. Париз, во поствоената Европа, е вистинско плодно тло за уметниците кои бегаат од тоталитарните режими, насилните конфликти или авторитарните уметнички доктрини. Со тоа Париз добива димензија на светски град, глобализиран, космополитски. Тој се претвора во меѓународен центар за уметници од целиот свет, а значењето на изразот Втора париска школа станува многу подлабоко од изворното значење.
Во каталогот на изложбата на донации од 1966 година, Борис Петковски, директорот на МСУ-Скопје, истакнува дека „оваа изложба содржи дела од најпознатите француски и светски уметници од поствоениот период. Донираните дела се поделени по категории, а токму изложбата ќе ја истакне нивната поврзаност“. Сепак, ако се анализира разновидноста на француската колекција, чии автори се со разнообразно потекло, се поставува прашањето дали поделбата по национална припадност е соодветна.
Изложбата „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции,“ покрај реномираните автори, покажува посебен интерес за уметничките имиња и правци кои можеби не се многу познати, но денес се дел од француската колекција на МСУ-Скопје. Оваа колекција прикажува една генерација уметници кои живееле во време на длабоки сомнежи, но истовремено и на силна надеж. Со оваа изложба ѝ се оддава омаж на креативноста, како плод на уметничките размени на една генерација во потрага по заеднички јазик. Сите јазици се мешаат правејќи го Париз модерен Вавилон чиј заеднички јазик станува уметноста. Оваа изложба има за цел да воспостави една „фиктивна заедница на уметници“, прикажувајќи ги нивните меѓусебни врски и средби. Таа ги обединува трагите од нивните заеднички простори на креативност: ателјеата, приватните академии, Школата за ликовни уметности во Париз, Салонот на новите реалности и други. Всушност, ова е една поставка која, пред сѐ, настојува да ги прослави овие заеднички патеки и движења.
За да им се оддаде почит на уметниците од колекцијата во Скопје, изборот на делата во оваа изложба е збогатен со уметнички дела од Музејот на современата уметност во Лион. Поаѓајќи од темите за уметничките преселби, патувања и донации, изборот на уметничките дела од мсуЛИОН отвораат, исто така, и простор за меѓугенерациски и меѓуинституционален дијалог помеѓу двата музеја.
Медиумски односи: Ангелика Апсис (МСУ-Скопје), графички дизајн: Илијана Петрушевска (МСУ-Скопје), конзервација: Јадранка Милчовска (МСУ-Скопје), кординација на изборот на дела од колекција на МСУ-Скопје: Ива Петрова Димовски и Благоја Варошанец, печатење на делото на Шурук Хриеш: Промедија.
Изложбата е реализирана во соработка помеѓу МСУ-Скопје, мсуЛИОН, Амбасадата на Франција, Француски институт во Скопје и град Лион.
Музејот на современата уметност – Скопје и Факултетот за ликовни уметности, УКИМ – Скопје, Ве покануваат на изложбата „45 години ФЛУ“. Изложбата ќе прикаже избор на 45 дела, од 45 автори, од колекцијата на МСУ и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ (од основањето до денес), нагласувајќи го текот на уметничките изрази и практики во последните четири и пол децении. Изложбата ќе биде пропратена со документарни прилози од историјата и активностите на ФЛУ со цел да се валоризира наследство на факултетот, но и да отвори нови перспективи за неговата иднина.