Новости
EN

Во рамките на Интердисциплинарната програма, во последните пет години се реализираа редица предавања од различни сфери на критичката теорија, уметничката критика, современата уметност и музеологија, како и повеќе разговори и лично претставувања на делата на македонски и светски уметници. 

Дел од таа видео и аудио архива, која е веќе објавена на Јутјуб каналот и на Фејсбук мрежата на МСУ, може да се проследи и на музејската вебстрана, која е од скоро поставена во делот на Едукативните програми https://msu.mk/predavanja/

Музејот на современата уметност – Скопје со особено задоволство ја инфомира јавноста дека е комплетиран најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло.“  

Поттикнат од преставувањето на колекцијата МСУ-Скопје во Кунстхале Виена во 2023 година, ова издание се насочува кон актуелните дебати во критичката музеологија и пристапите кон преиспитувањето на кураторските практики, музејските колекции, галериските простори и застапеноста на публиката. Во оваа насока се вклучени значајни оригинални прилози кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи,  претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.

Меѓу авторите застапени со свои  текстови се Катажина Муравска-Мутезиус, Соња Абаџиева,  Јесус Педро Лоренте, Бојана Пишкур, Марија Ѓорговиќ, Фиона Камерон, Адам Ночек, кураторскиот колектив WHW и други.

 

Главен одговорен уредник на списанието е Тихомир Топузовски

Соработници во уредувањето на овој број се Ивана Васева и Владимир Јанчевски.

Дизајнот на списанието е на Денис Сарагиновски

150 страни

Содржина:

6
Katarzyna Murawska-Muthesius:
The Critical Museum Postscriptum
12
Pedro Jose Lorente:
Self-reflective Museums and (meta)Museographical
Reappraisals: The Special Case of
Museums of Contemporary Art
20
Bojana Piškur:
Some thoughts on decolonizing the art institutions
26
Marija Đorgović:
From a Critique of the Institution to a Critical Institution?
The Case of the Museum of Yugoslavia
33
Sonja Abadžieva:
At the Center of the Cyclone
38
What, How & for Whom/WHW
No Feeling Is Final. The Skopje Solidarity Collection
52
Fiona R. Cameron:
Curating and Museologies in More-than-Human Worlds
59
Research and Exhibition Project:
Landscape of Anxiety
102
Adam Nocek:
On the Architectures of Hospitality in
Agroecological Urbanisms
114
The MoCA’s exhibition
All That We Have in Common
Jovanka Popova
124
The MoCA’s exhibition
Bitter Sugar
Multimedia project by Gjorgje Jovanovik
Vladimir Janchevski and Blagoja Varoshanec
134
The MoCA’s exhibition
The Future as a Project
Doxiadis in Skopje
Jovan Ivanovski, Vladimir Deskov,
Ana Ivanovska Deskova, Kalliopi Amygdalou,
Kostas Tsiambaos, Tea Damjanovska, Mihajlo
Stojanovski and Christos Kritikos.
142
The MoCA’s exhibition
On Defragmentation as a Freeing Mental Space and
Societal Necessity
Vladimir Janchevski and Blagoja Varoshanec

Проектот на модната куќа агнес б., уникатното списание point d’ironie (www.pointdironie.com) во најновото 67. издание го претставува проектот на Леонард Хилтон Мекгар ака Футура, американскиот графити уметник кој заедно со Жан Мишел Баскија, Кит Харинг и Кени Шарф во 1980-те години стана познат со воведувањето на апстрактниот сликарски израз во уличните графити.

Типично распореден на осум страни, кои ги добива секој уметник поканет од уредникот на списанието, познатиот швајцарски куратор Ханс Улрих Обрист, point d’ironie во последното издание ја донесува анти-воената порака на Футура, како што гласи и насловот на неговиот проект NO GUERRA: „БЕЗ ВОЈНА е креативна презентација на концепти, индивидуи, места и идеи. Благодарам за вашите анти-воени размислувања …“

Списанието  се печати во сто илјади копии и бесплатно се дистрибуира до уметнички институции и галерии во над сто земји во светот. Музејот на современата уметност е единствен дистрибутер за Македонија повеќе од дваесет години. Музејот списанието го добива во ограничен тираж од сто копии, кои можат да се добијат бесплатно во музејската продавница.

Тихомир Топузовски е новиот директор на Музејот на современата уметност. По неодамнешната оставка на Мира Гаќина, Топузовски доаѓа на функцијата вршител на должноста директор на Музејот на современата уметност од неговата позиција уредник на музејската Интердисциплинарна и дискурзивна програма, како и главен уредник на списанието Големото стакло (The Large Glass Journal). 

Тихомир Топузовски има докторирано на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје и на Академијата за ликовни уметности во Скопје, каде има одбрането и магистерски труд. Реализирал постдокторски истражувачки престој на Универзитетот Содерторн во Стокхолм, Шведска. Неговите истражувачки интереси се фокусираат на пресекот помеѓу визуелните уметности, филозофијата, политиката и науките за животната средина. Добитник е на повеќе награди, стипендии и истражувачки грантови. Неговите последни публикации вклучуваат монографија ,,Postanarchism and Critical Art Practices’’ која ќе се публикува од Bloomsbury Academic; Eдитирана книга со Сол Њумен, ,,The Posthuman Pandemic’’ (2021) , публикувана од Bloomsbury Academic, текстот ,,Aesthetics technique and spatial occupation in hybrid political regimes’’ (2021) објавено во списанието Baltic Worlds, Vol. XIV:3, pp 57-63 (2021), како и поглавје во книга со Лорен Андрес ,,Political protest, temporary urbanism and the deactivation of urban spaces’’ (2020), во изданието ,,Transforming Cities Through Temporary Urbanism – A Comparative Overview’’ публикувано од Springer.  Има учествувано и организирано повеќе уметнички проекти и презентации во рамките на Интердисциплинарната и дискурзивна програма на МСУ, вклучувајќи ги ,,Без/редие во светот на уметноста’’ и ,,Пејзаж на вознемиреност.’’ Од 2018 година, Топузовски е главен и одговорен уредник на Large Glass Journal, годишно списание во издание на Музејот на современата уметност и посветено на современата уметност, култура и теорија. 

 

Еден од поголемите реставраторско-конзерваторски зафати на Конзерваторскиот оддел во Музејот на современата уметност е реставрацијата на едно од капиталните дела во меѓународната збирка, сликата „Доблест во потреба“ на неодамна починатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 – 2023).

Сликата е дел од големата донација на уметнички дела од редица италијански уметници, донирани во средината на шеесеттите години, како израз на солидарност со настраданото Скопје во катасторфалниот земјотрес во 1963 година.

Во медиумски разновидното и изразито идиосинкратично творештво на Барукело – кое опфаќа сликарство, склулптура, филм, поезија, психоанализа, хепенинг, агрокултура и радикален активизам – сликата „Доблест во потреба“ (1963,  комбинирана техника на платно, 190 х 200 см, инвент.бр. 01864), потекнува од самите почетоци на неговата уметничка кариера, кога создава група сликарски дела клучни за неговото натамошно творештво, слики исполнети со фрагментарни цртежи, минијатурни светови расфрлани по површината на платната. Марсел Дишан за овие дела на Барукело забележал дека бараат учество на гледачот и дека треба „да се гледаат од блиску и во траење од еден час“.  

Но, за разлика од целиот овој циклус кој е типично сликан на бела подлога, „Доблест во потреба“ се издвојува меѓу неколкуте рани платна по својата интензивна портокаловo-црвена позадина и неговите карактеристични цртежи и симболи, кои самиот уметник ги споредува со процеси на мислата и на соништата, нешто што е типично за творештвото на Барукело во целина.

 

 

Во текот на своето постоење, сликата претрпела помали оштетувања настанати делумно од променливите атмосферски услови во одредени периоди во минатото, како и едно главно оштетување на еден дел од површинскиот слој на платното, настанато пред повеќе години од ненадејно протекување на покривот на музејот. Сите овие фактори го оневозможуваа вклучувањето на делото во повремените музејски изложбени поставки.

Конечно, со проектот за реставрација и конзервација подготвен од Одделот за збирки и депо и Конзерваторскиот оддел на МСУ, во соработка со Ема Петрова Николовска, советник конзерватор во Националниот конзерваторски центар – проект финансиски поддржан од Министерството за култура на РСМ и административно одобрен од Управата за заштита на културното наследство на РСМ – сликата на Барукело наскоро ќе биде вратена во оригиналната состојба.

По претходно спроведеното истражување и хемиска, микроскопска, рендгенска и инфра-ред анализа на примероци од површината на платното и фрагменти од бојата, конзерваторите Љупчо Иљовски, Јадранка Милчовска и Ема Петрова Николовска го започнаа процесот на реставраторско-конзерваторски зафати, кој се состои од неколку фази и главно вклучува: темелно чистење на површини од хемиски оштетувања со хемиски средства, фиксирање на боениот слој со јапонска хартија, пеглање на деформациите на платното, антисептичен третман на „блинд-рамот“, инектирање на врзиво, китирање на оштетените места со реставраторски кит и нивелирање со јајчана емулзија што ја следи оругиналната текстура на сликаната површина.   

Со реализацијата на проектот, Одделот за конзервација и реставрација се потврдува како еден од успешните сектори на МСУ, кој по долги години стагнација поради недоволната кадровска, техничка и финансиска поддршка, веќе неколку години бележи нагорна линија со вработувањето на конзерваторот Љупчо Иљовски, придружен од неодамна и со надворешната соработничка, конзерваторот Јадранка Милчовска. Нивната постојана професионална грижа за состојбата на уметничките предмети го овозможува остварувањето на една од суштинските музејски задачи каква што е заштитата на уметничките дела и културното наследство.

 

Џанфранко Барукело, Доблест во потреба, 1963, комбинирана техника, 190х200см (МСУ збирка на сликарство, инв.бр. 01864)

Музејот на современата уметност – Скопје ја известува јавноста дека првиот човек на институцијата, Мира Гаќина, по шест години успешно извршување на должноста директорка на музејот, се повлекува од лични причини.

 

Мира Гаќина, која на директорската позиција на МСУ беше од средината на 2017 година, по вокација е историчарка на уметноста, магистер по музеологија, со докторат по продукција и управување на институции од културата – студија на случај МСУ-Скопје. Формирајќи и успешно работејќи со тим од искусни и докажани професиналци во својата струка, Мира Гаќина изминатите години успеа да го  стави МСУ на мапата на европските и светски музејски центри, реализирајќи повеќе капитални изложбени проекти. Еден од последните големи меѓународни проекти, кој сѐ уште е во тек е изложбата “Ниедно чувство не е конечно: Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ во Кунстхале во Виена, изложба која го реафирмира основниот карактер на МСУ Скопје како музеј на интернационалната солидарност. Изложбата идната година ќе патува и во Прага, а во тек се контакти и со други музеи за проширување на димензиите на овој проект.

Серијата изложби „Се што ни е заедничко“ која вклучуваше дела и лично присуство на редица релевантни светски и регионални уметници, потоа соработката на изложбени проекти во Краков, Солун и ко-партнерството со Манифеста, една од најзначајните светски манифестации на современата уметност, се исто така само дел од листата на успешни меѓународни проекти на МСУ. Тука треба да се спомене и извонредно успешната Интердисциплинарна програма, која заедно со обновеното издавање на списанието „Големото стакло“, го овозможи претставувањето на денес релевантните теориски и критички практики.  Овие меѓународни успеси беа крунисани со приемот на МСУ во CIMAM (Меѓународно здружение на музеи на модерна уметност), како и  со меѓународната награда „Жива“ доделена на МСУ за креативност и посебни постигнувања.

Во својот мандат, Мира Гаќина и тимот на МСУ во континуитет продуцираа поставки во кои изложуваат светски познати и домашни докажани уметници.

Од исклучително значење за музејот и македонската уметност и култура е и повторното заживување на донаторската димензија на МСУ, збогатувајќи ги збирките со над стотина нови подароци од странски и македонски уметници и донатори. Во овој период МСУ ја подигна на многу повисоко ниво и важноста на своите едукативни програми како една од суштинските социјални димензии на музејот.

 

Аријане Шпаниер, графичко студио Берлин, дизајн на новото лого на МСУ Скопје

 

„Веројатно многу скопјани, како и јас, биле, и уште се фасцинирани од објектот на МСУ, кој спокојно го набљудува Градот, без да се наметнува.

Но, каква е вистинската вредност на неговата колекција, а особено на неговиот концепт, како музеј инициран и остварен од страна на уметниците осознав со време, преку моите студии и споредби со други светски музеи.

Можноста да го демонстрирам потенцијалот на оваа Институција, МСУ, ја прифатив знаејќи однапред колку многу заљубеници има Музејот и сметајќи на ефектот што може да го предизвика нивниот ентузијазам за повторно заживување на МСУ, следејќи ги пионерските идеали. 

Овој Музеј на солидарноста го замисливме како Отворен Музеј, отворен за сите генерации, за сите групи, за сите заедници, пред сè, за скопјани, како интегрален дел на Старо Скопје, со целата негова културна различност, следејќи ја оригиналната Мисија. Но најважно, мислам, е што инспириравме нова генерација на меѓународни и наши уметници да му подаруваат дела на Музејот. Солидарноста како вредност се издигна над спонтаната реакција предизвикана од земјотресот во музејски концепт, како (низ) трансгенерациска врска на авторите.

И покрај тоа што на некое време ќе се оддалечам од МСУ, засекогаш ќе останам мотивирана да учевствувам во неговиот натамошен развој, задоволна што Музејот, по 60 години од неговото основање е повторно една од  најубедливите вредности на скопскиот урбан живот“, вели Мира Гаќина за годините поминати на оваа функција.

 

Истакнувајќи некои од позначајните постигнувања, стручниот тим и вработените во  Музејот на современата уметност се надеваат дека овој тренд на подигнувањето на нивоата на работата на институцијата ќе биде соодветно препознаен и ќе наиде на уште поголема поддршка од Министерството за култура и долгогодишнте партнери и поддржувачи.

 

Едукативната програма во рамките на МСУ – Скопје го проширува образовниот дискурс со серија предавања и работилници под наслов „МСУ Школо“ под менторство на уметникот Никола Узуновски. Програмата почнува на 3ти октомври и ќе трае до 9ти ноември 2023 година. Предавањата ќе се организираат два пати неделно, секој вторники и четврток (освен 24ти и 26ти октомври)

Предавањата се бесплатни, но препорачано е континурано следење на наставата и претходна пријава на учесниците. Сите заинтересирани може да се пријават до 2ри октомври на електронската адреса: info@msu.mk, со име и презиме, професија и најава дали ќе го следат целиот курс или поединечни предавања.

Програмата има за цел да ja изостри генерална наобразба, познавање и интерес за визуелната, особено за современата визуелна уметност. Програмата на „МСУ Школо“ е насочена, пред се, кон студентите на Факултетот за ликовна уметност, студентите по Историја на уметност и археологија, Архитектонскиот факултет, понатаму за студентите кои го изучуваат дизајнот, модата…, но и кон сите оние кои пројавуваат интерес кон современата и имаат афинитети да добијат поизострена слика за уметноста.

Во серијата предавања ќе се посвети внимание на главните прашања кои ја дефинираат уметноста денес, како таа се користи преку експлицитни примери, главните теми кои се во фокусот на современата уметност, системот на продукција и нејзината интеракција со јавноста.

Повеќе за темите и термините: Училиште МСУ

 

 

Користејќи ја технологијата на ВИ („AI“), Мајкрософт ja изработи апликација The Sol LeWitt App., посветена на уметноста и делото на влијателниот американски уметник Сол ЛеВит, пионерот на минимализмот и концептуалната уметност, уметник кој е застапен и во збирките на МСУ Скопје со неговата донација на две графички графички мапа.

 

Сол ЛеВит, Прави линии во четири насоки и сите нивни можни комбинации, 1973, бакропис на хартија, сет од 15 графички листови, секој 26,7 х 26,7 см.; Едиција од 25 копии со 10 а.о.. Графичка збирка на МСУ Скопје

 

Апликацијата не води на занимлив и интерактивен начин низ извонредно продуктивното и тематски разновидно дело на ЛеВит, како што се:

– виртуелната тура низ неговото работно студио во Честер, Конектикат, кое обично е затворено за јавноста;

– можноста за мапирање и скенирање на некои од неговите ѕидни цртежи изведени во Северна Америка, Европа, Азија и Австралија;

– истражувањето на животот на LeWitt и глобалното  влијание на неговата уметност;

– збирка на написи кои фрлаат светлина на шест од работните теми на Левит, како и досега невидени аудио, видео и скици од самиот Левит.

Апликацијата е изработена во соработка со Sol LeWitt Estate и е конципирана и курирана од Линзи Авилхе.

The Sol LeWitt App. е бесплатно достапна на Google Play, App Store на Ејпл и на Microsoft Store App. 

 

ЗБИРКИ

 

 

 

Каталог од изложба:

Петар Лубарда: Од колекцијата на МСУ Скопје

Издавач:

Музеј на современата уметност Скопје, 2023

Автори:

Владимир Јанчевски, Благоја Варошанец

Текст:

Марија Петровиќ, Владимир Јанчевски, Благоја Варошанец

Фотографија:

Роберт Јанкулоски, од документацијата на МСУ-Скопје

Графички дизајн и уредување:

Илиана Петрушевска

Јазик:

Македонски со англиски превод

Корица и димензии:

мек повез, 20 х 20см

Страници:

60

Наградата „Најуспешен автор и дело“ на 14. Меѓународно биенале на млади уметници на тема „Будење“, рамноправно е доделена на следните автори: Серхат Емрулаи (Северна Македонија), за делото насловено „Помеѓу“, инсталација, 2022 и на Наѓа Крачуновиќ (Србија), за делото „Хидра“,видео перформанс, 2023. Наградата се состои од самостојни изложби во Музејот на современата уметност – Скопје, кои ќе се остварат во 2024 година.

Жири комисијата во состав: Славчо Димитров (теоретичар на културата), Бојана Јанева (куратор) и Владимир Јанчевски (куратор), во образложението на својата едногласна одлука вели дека:

„При носењето на одлуката за годинашниот добитник на наградата за најуспешен автор и дело, дополнително влијаеше и разгледувањето на целокупната уметничка пракса на уметниците застапени на ова Биенале и нивниот потенцијал за реализација на позначаен авторски исчекор преку самостојното претставување во МСУ Скопје. Оттука, кај двајцата наградени автори, Серхат Емрулаи и Наѓа Крачуновиќ, преку употреба на најразлични медиуми и добро развиени концептуални постулати, жирито увиде длабока сензитивност и суптилност во адресирањето, анализата и претставувањето на различни социјални, политички и културни прашања релевантни за сегашноста“.

 

Наѓа Крачуновиќ, Хидра, 2023, видео перформанс, 17:08

 

„Хидра“ на Наѓа Крачуновиќ е перформативен видео приказ на неколкумесечна истрага во полето на личниот, автентичниот, интимниот женски глас како отпор кон патријахалниот пејсаж. Крајно разработената концепциска поставеност преку носечката улога на звукот, гласот во форма на крик, шепот или молк, повеќеслојноста на визуелните значења, колективната работа со други уметници, како и истовремената јасна и силна порака кон гледачот го прават ова дело целокупно биеналско остварување.

 

 

Серхат Емрулаи, Помеѓу, 2022, инсталација, 140х100х200 см

 

Инсталацијата „Помеѓу“ на Серхат Емрулаи преку континуираниот какофоничен звук од вртењето на лажичките за чај го третира прашањето на времето, каде минатото и сегашноста ги одбележува непрекинатото очекување. Споделувајќи личен впечаток, спомен од детството на обична секојдневна животна рутина, авторот ја означува колективната човечка потреба за поврзаност, значајна промена која секогаш се очекува од иднината, сконцентрирана во моментот/тите на чекање. Исто така, ова дело одговори и на поставеното прашање на годинашната биеналска тема, како уметниците го доживеа пандемискиот рестриктивен период, кога целиот свет беше заложник на време исполнето со чекање, очекување на моментот кога работите ќе се сменат.

14. Меѓународно биенале на млади уметници на тема Будење и во организација Музејот на современата уметност, беше отворено од 06 април до 26 мај, 2023 година.

 

 

14. Меѓународно биенале на млади уметници