Новости Донации од Ле Бас и Рома Џемсешн
EN

Донации од Ле Бас и Рома Џемсешн

Британската уметница Дилејн Ле Бас и Уметничкиот колектив Рома Џем-Сешн (Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петрович), чии дела се дел од меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“, подарија дела на Музејот на современата уметност – Скопје.

Дилејн Ле Бас ќе биде застапена во колекцијата на МСУ Скопје со фотографија од нејзиниот тековен проект насловен „Ромска амбасада“. Конципиран според идејата за Ромска револуција, проектот „Ромска амбасада“ е за првпат изведен како перформанс за проектот „Кога ќе снема гориво  луѓето ќе бараат коњи “ во Лондон, во јуни 2015 година.

Дилејн ле Бас ќе изјави: „Ние како заедница немаме ‘една татковина’, ниту држава, ниту пак национална држава. Не има во многу земји, но никогаш не сме целосно прифатени, и во секое време можеме да бидеме исчистени како население. Олицетворение сме на меѓународна популација, имаме многу религии, зборуваме многу јазици и постојат многу верзии на нашиот јазик. Имаме малку политичко претставување и немаме амбасада каде можеме да прибегнеме во време на неволја“.

„Ромската амбасада“ е информативна точка, жива архива, олицетворение на враќање на украдениот артефакт во кој се  претворивме. Делото може да е променливо во големина и обем, да го менува изгледот, да се појави и да исчезне, тоа е подвижна, флексибилна структура. Се состои од картонски знак создаден во движење. Истото постои во реалниот и виртуелниот простор и време. Може да е сочинето од едно лице, а може и повеќе. Истото е дистрибутивна точка преку која се преиспитува мислењето на мнозинството во општеството и системското насилство кон Ромите. Делото е тивок чин на отпор. „Ромската амбасада“ е  фотографија, перформанс во процес, уметничко дело, активизам.

Дилејн Ле Бас е уметница која работи во повеќе уметнички медиуми и создава инсталации, перформанси, фотографии и филмови. Таа е една од шеснаесетте уметници кои се дел од „Изгубениот рај“, Првиот ромски павилјон на Биеналето во Венеција од 2007 година. Изложувала на Биеналето во Венеција (2007), Биеналето во Прага (2005 и 2007), Биеналето Гвангју (2012), Националната галерија на уметност „Закета“ (2013), MWW Музеј на современа уметност Вроцлав (2014), Биенале за современа уметност D-O Арк Андерграунд, Босна и Херцеговина (2015), Биеналето Оф, Будимпешта (2015), Проширено меѓународно биенале за современа уметност во Гетеборг и други.

Дилејн Ле Бас, Ромска амбасада во Македонија, дигитална колор фотографија

 

Подарокот на Уметничкиот колектив Рома Џем-Сешн, „Отворена ромска култура“ се состои од 8 графички постери (секој 70 x 99 см.)

„Отворена ромска култура“ е дело создадено за 50 годишнината на Светскиот ромски конгрес, изложено во рамки на изложбата на „Уметност на Светскиот ромски конгрес“ во 2021 година во Лондон и Берлин. Светскиот ромски конгрес од 1971 година е пресвртница на Меѓународното движење на Ромите. Уметноста и културата оттогаш се силна инспирација за политичкото движење на Ромите и Синтите, како форма на граѓанско изразување, но и стратегија на еманципација и културен отпор. Ромската заедница од Скопје, е дел од Европското ромско друштво. Основачите Шаип Јусуф (Северна Македонија), Јан Цибула (Швајцарија), Гратан Пуксон (Англија), Ева Давидова (Чехословачка), Ванко Руда (Франција), Жарко Јовановиќ (Југославија), Хуан де Диос Рамирез Хередија (Шпанија), Ладислав Деметер (Југославија) имаа визија. Инспирирани од 50-годишнината од Меѓународното движење на Ромите во Европа, визијата на уметниците е да бараат повторно и засекогаш во сите држави и општества еднакви права и еднакви шанси.

Рома Џем Сешн Уметнички Колектив (Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ) изведува перформанс во јавен простор и уметнички институции со цел да ги направи видливи актуелните прашања на Ромите. Уметничката група со седиште во Цирих работи трансдисциплинарно комбинирајќи уметност, театар, музика и дизајн. Од нивната прва интервенција во 2013 година, Рома Џем Сешн ја прикажува својата работа во Цирих во Шедхале, Колеџот Корнер, Театарот Максим, Тони Ареал, ЗХдК, Кунсхаус, музејот Јохан Џејкобс, Хелмхаус и во Базел во Музејот Кунс. Покрај нивните јавни настапи, колективот е активно вклучен и во соработка со други ромски организации и невладини организации. Од 2014 до 2016 година колективот бил вклучен во работна група на Федералната канцеларија за култура (БАК), во која се работеше на правата и признавањето на малцинствата на Ромите, Синтите и Јенишите во Швајцарија. Колективот ја изведе интервенцијата „ХРОМА – ненадејни присуства“ во 2018 година на првото Ромско биенале и Ромапарадата во Берлин. Оттогаш, колективот се развива и транснационално, и соработува со die grosse umordnung („големиот неред“), квир-феминистички уметнички проект. Во 2019 година, Уметнички колектив Рома Џем Сешн  активно учествува во лансирањето на RomArchive, првата дигитална архива за историјата, културата, политиката и уметноста на Ромите во Европа.

Мо Динер (Швајцарија) работи трансдисциплинарно и концептуално во областа на критичката уметност и теорија. Taa дизајнира перформативни интервенции, јавни изведби и асемблажи. Во 2009/10 започнала истражување за нејзините предци по мајка (Роми/Синти), кое го продолжила во контекст на уметничкиот истражувачки проект “Наука, фантастика и политика” на Школата за уметности во Берн (ХКБ). Го продолжила своето уметничко истражување на магистерската програма за ликовни уметности на ЗХдК. Во контекст на нејзината теза заедно со Р.Р. Марки и Милена Петровиќ, го основала Уметничкиот колектив Рома Џем Сешн .

Мустафа Асан (Р.Р.Марки, Северна Македонија) е ромски уметник и активист  кој истражува и изложува историски и социо-политички теми за видливоста на ромската уметност и култура во Европа. Дипломирал на Техничкиот универзитет во Скопје, а во Цирих посетувал Уметничко училиште и бил активен како радио водител за Радио Лора Романес на ромски јазик. Во 2013 година е коосновач на Рома Џем Сешн Уметничкиот Колектив, заедно со Мо Динер и Милена Петровиќ .

Милена Петровиќ (1967, Србија) е австриска и швајцарска државјанка која студирала глума во Цирих. Таа работи на различни проекти за филмска и театарска сцена, меѓу кои во Шауспиелхаус Цирих и Театарот Максим во Цирих. Била ангажирана и во швајцарската телевизија SF1, како и во независни филмски проекти. Била активен член на театската трупа Максим која со своите социо-критички дела има изведби низ  швајцарските германски театарски сцени.

 

Отворена ромска култура, постер, 70 х 99 см (серија од 8 постери)

Зголемената меѓународна активност, која МСУ интезивно ја развива веќе подолго време со изложбени проекти, гостувања во рамките на дискурзивните програми, интер-музејското и професионално вмрежување, како и присуството на музејските проекти во најугледните светски списанија, како Артфорум, Фриз, е-флукс и др., отвори простор за поголема видливост на МСУ и поттик за нови прилози во неговата меѓународна збирка, создадена врз принципот на солидарност. Па така, по донациите на рускиот колектив „Ч’то делат“, холандскиот уметник Јонас Стал и германските уметници Јана Детмер и Моника фон Ешенбах, музејот неодамна се здоби и со десет нови подароци, цртежи и колажи од светски реномираните полски уметници Артур Жмијевски и Павел Алтамер, дела настанати како резултат на нивниот концепт „отворено студио“; колаборативен процес на креирање колажи во „живо“ реализиран во една од галериите на музејот во период од 01 до 15 јули 2022 година.

Во две недели на заедничката работа, уметниците создадоа повеќе колажи на картон користејќи акрилни бои и визуелен материјал позајмен од стари историски книги, географски атласи, мапи, постери, фотографии школски табели, анатомски илустрации и сл. Посетителите беа повикани да понесат сопствени материјали и на тој начин да учествуваат во создавањето на делата. Резултат од резиденцијата се колажи со густи слоеви на ескпресивна и надреална сликовност. Од колажите отсуствува директниот политички ангажман или социјалната критика, карактеристични за индивидуалните творештва на двајцата уметници, а наместо тоа, делата ја претставуваат спонтаноста и импровизацијата во сликарската креативност на двајцата пријатели. Нивното пријателство датира уште од студентските денови во студиото на Грегорш Ковалски на Ликовната академија во Варшава. До сега, тие имаат реализирано бројни заеднички проекти, резиденции и работилници низ светот.