Настани Ѓорѓе Јовановиќ: Публикација, разговор, перформанс
EN

Ѓорѓе Јовановиќ: Публикација, разговор, перформанс

Петок, 16 февруари, 2024, во 20,00 и 21,00

Како означување на последниот ден од самостојниот мултимедијален проект „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ ќе се одржи промоција на публикацијата и разговор со авторот во друштво на Никола Гелевски и кураторот Владимир Јанчевски. Почеток на настанот е во 20 часот

Ќе стане збор за специфичниот процес на работа и конципирањето на проектот, како и за бројните референци и богатата иконографија, улогата на уметноста денес и нејзината релевантност во нашата современост, прашања кои се присутни во целокупната уметничка работа на Јовановиќ.

После промоцијата, во 21 часот ќе следува музичкиот перформанс „Протерани од Рајот“ на Џијан Емин и Георги Шарески, кои ќе настапат во изложбениот простор.

Мултимедијалниот проект Горчлив шеќер на Ѓорѓе Јовановиќ (МСУ изложби) беше отворен на 19 септември 2023 година, побуди голем интерес кај публиката и забележа одлична посетеност. Куратори на проектот се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Јовановиќ преку овој проект ја интегрира неговата претходна творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност. Проектот претставува синтеза и надоградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација која ја сочинуваат бројни слики и објекти, како и анимациите кои ја активираат, Јовановиќ се потруди да создаде повеќедимензионална наративна мрежа низ која бројните протагонисти и различните состојби во коишто се наоѓаат, се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост.

Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се  прашањата за интеграцијата  и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето  на себеси во потесен  и поширок контекст на распадот на  старите  и создавањето на нови вредности. Работи  инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи  и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи  ја флуидноста на современиот контекст.  

Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, меѓу кои: „Обезглавените“ – Прима центар Берлин (Берлин, 2020), „Chocolate Drops“ – галерија „Хоаст“ (Виена, 2018), „Радио Слободно Скопје“ – Центар за современи уметности (Скопје, 2015-16), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ – Музеј на современата уметност (Скопје, 2014), „Исповедите на еден јадач на колачи“ (Ровињ, 2013), „Фрагментарниот архив на уметникот од земјата во транзиција“ (Њујорк, 2010), „It’sComplicated“ (Грац, 2010) итн.

Резиденцијални престои: IAAB – Базел, TICA – Тирана, La Cité internationale des Arts – Париз, Watermill Centеr Њујорк, „Апартмент проект“ – Истанбул, ISCP – Њујорк, CCN – Грац.    

 

МИНАТИ НАСТАНИ

Повик за учество на работилницата „Харизматични објекти“

Пријавување до сабота, 30 март 2024

Школа за пропаганда: АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА

Сабота, 2 март 2024, во 12:00 часот

Филм: ,,ЦРНАТА УМЕТНОСТ: ВО ОТСУСТВО НА СВЕТЛИНАТА"

Вторник, 20. февруари 2024, во 19ч.

Ѓорѓе Јовановиќ: Публикација, разговор, перформанс

Петок, 16 февруари, 2024, во 20,00 и 21,00