Изложби Тековни Следни Минати
EN

Михајло Арсовски – плакати

26/04/ 2017 - 25/05/ 2017

Михајло Арсовски е роден на 9 јули 1937 година во Скопје, во фотографско семејство, левичари, кое по Втората светска војна се сели во Загреб. Веќе кон средината на 60-ттите години создава свој препознатлив визуелен јазик со спојување на колажот, фотомонтажата, типографските цитати, често потенцирајќи го токму пикторалното и визуелното влијание. Тој е еден од најавтентичните пионери на графичкиот дизајн од 60-ттите години, признат по своите смели визуелни решенија, чија иновативност може да се препознае и денес кај дизајнерите во Хрватска. Со спојот на слики од високата и поп културата тој е, секако, зачетник на постмодернизмот во графичкиот дизајн. Неговиот опус се карактеризира со изразен личен став, отпор кон конвенционалните решенија и храбра критичка дистанца од тогашната актуелна ликовна сцена.

Плакатите на Арсовски

Плакатот како уметничка форма, е дело на улицата, таму припаѓа. Плакатот го достигнува својот апогеум на паноата низ градот, наменски поставените бетонски блокови и тарабите. Но, во сето тоа шаренило плакатот треба да биде функционален за да дојде до израз неговата улога, тој мора да привлече, насочи, заинтересира определена група луѓе и да допре до пошироката маса. Плакатот мора да информира, едуцира, да изнуди воздишки, да побуди определени емоции. Плакатот е игра на знаци, симболи, пораки… тука Арсовски демонстрира една сериозност во таа игра, наметнувајќи стилски форми, фотомонтажа, колажирање, но и смели типографски решенија, преку игра на согласки и самогласки. Во неговите плакати се забележува влијанието и на швајцарскиот стил, играта со белината, односно таканречниот „white space”, како и влијанието на полската школа, особено во театарските и филмските плакати. Секако, Арсовски во тоа време не морал да се наметнува со својот израз како таков, како што денес дизајнерите имаат потреба да се наметнуваат и да се борат за што поголем визуелен шок. Но, од друга страна, тој нудел доста интригантни решенија, и комплетно неочекувани поврзувања на зборови, букви и знаци. Во неговата игра, се проткајува и експресивноста на боите, обликувајќи ја целокупната сорджина, инспириран од поп културата на 60-ттите години, преплетувајќи ги во колоритни плакати. Овие елементи се забележливи во делата издвоени во оваа колекција.

Арсовски работел и како дизајнер на неколку книги, графички мапи, корици за плочи, магазини, во кои раскошната експресивна типографија ја надополнува со строги функционални решенија, што претставуваaт едни од најголемите дострели во локалниот дизајн. Неговите идејни решенија за театарот ИТД-Загреб, чиј опус брои над 200 плакати, во кои за првпат со примена на тотал дизајнот успеал да го изгради визуелниот идентитет на театарот.

Неговото решение за весникот Поп експрес (1969 г.) го навестува идниот графички јазик на весникот за култура, што ќе се појави во текот на деведесеттите.

Во толкувањето на неговото дело настануваат потешкотии поради неговиот ироничен и негативен став кон сопственото дејствување. Според Јасна Гаљер, авторката на неговата монографија „поединечни негови дела се во депоата на музеи и приватни збирки, но не постои систематизиран каталошки попис, сиромашна е и расположливата фактографија, а многу од неговите дела во меѓувреме и се изгубени што придонесува за потешкотиите со кои се соочува денес историјата на уметноста.”

Михајло Арсовски одиграл клучна улога во едукацијата на многу млади дизајнери во Хрватска во 80-ттите години, меѓу кои Мирко Илиќ, Дејан Кршиќ, Никола Ѓурек и др… период кога во Хрватска никој не се занимавал со соодветна едукација посветена на типографијата.
Големиот уметник кој ги кршел стереотипите, гласно се противел на тогашното комунистичко општество, ретко се појавувал на изложбите во кои биле застапени неговите дела, ја одбил наградата за животно дело во Загреб, заслужува да му ја оддадеме сета почит, благодарност за визијата што ја имал, и ветување дека нема да биде заборавен.

„Македонската уметничка сцена може и треба да научи како да го надградува својот курикулум на уметнички и едукативен план, како основа за поинакво развивање. Арсовски дома е идеја што лично ја имав зацртано пред себе во 2014 година. Нејзината конечна реализација во МСУ ме прави дополнително горд, бидејќи на овој начин се испишува поновата историја на Музејот, во склоп на новоотвореното одделение за архитектура и дизајн, што ќе понуди музеолошка обработка на дела од областа на дизајнот и архитектурата и нивно соодветно третирање. Никогаш не е доцна…“ – изјави Лазе Трипков, директорот на Музејот на современата уметност.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Албан Муја - Линијата што избледнува: Приказни за работ на легалноста

07/06/2024 – 28/08/2024

Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил

28/05/2024 - 02/09/2024

Аквизиции – Донации 2022-2023

18/05/2024 - 25/08/2024

Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје

21/03/2024 – 29/09/2024