Изложби Тековни Следни Минати
EN

Карол Раѓишевски: Сеќавајќи се на иднините

01/06/2023 - 25/08 2023

Изложба на Карол Раѓишевски во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2023

Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје  се отвори на 1 јуни во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски, која ќе биде отворена до крајот на месец август.

 

Мултидисциплинарната и архивската практика на Раѓишевски во рамките на изложбата се презентира преку два долгорочни проекта: фагазинот ДИК, периодично списание, основано, издавано и уредувано од Раѓишевски од 2005 година, единственото списание за уметност фокусирано на машката хомосексуалност во централна и источна Европа (подоцна проширено и на квир-определбата) и Институтот за квир-архиви, параинституција основана во 2015 година од страна на Раѓишевски. Изложбата ја претставува неговата серија „Галерија на портрети“ (2020 – во тек) која претставува продолжување на монументалното дело „Почет“ (2017), составено од дваесет и два портрета на потомци на нехетеронормативни ликови од Полска од минатиот милениум. Специфичната стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики, тапети и други материјали употребувани од Раѓишевски, е презентирана со серијата „Сида“ (2012 – во тек), дел од проектот Кишеленд. „Зумбул“ (2019-2020), уште едно суштинско дело на Раѓишевски, е исто така дел од изложбата. Делото го насочува вниманието кон значајноста на „Операцијата Зумбул“, масовна полициска акција од 1985-87 година, насочена кон создавање датабаза од сите полски хомосексуалци. Ангажираноста на Раѓишевски со националните и државните историски наративи и архиви и нивното предизвикување во изложбата се поставува во дијалог со радикална квир-хронополитика, односно преработка, повторно замислување, вреднување и контекстуализација на спомените, искуствата, фантазиите и сликите од неговото квир-детство. Тоа е прикажано преку неговите цртежи на ѕид, дел од „1989“ (2017 – во тек), за кој Раѓишевски ги префрла скиците на цртежи од детството од феминистички и феминизирани фигури и суштества, меѓу кои и религиозни цитати или цитати издадени од владата, направени за време на значајна политичка и општествена транзиција на серија слики и мурали. Со оглед на широкиот обем на неговите уметнички практики, во просториите на МСУ се проектираат и два филма на Раѓишевски. Првиот е „Кишеленд“ (Kiseiland, 2012), документарец на кој е прикажана средбата со Ришард Кишел, личноста зад првиот источноцентрален европски гејзин, „Фило“. Вториот филм е „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021) и е направен од стотици фотографии во кои се раскажува приказната за последните советски војници кои ја напуштиле Полска во деведесеттите години на 20 век.

Карол Раѓишевски (1980, Полска) работи со филм, фотографија, инсталација, сликање и создава интердисциплинарни проекти. Методологијата, заснована на архиви, испресечува многубројни културни, религиозни, општествени и родови референции. Од 2005 година е издавач и главен и одговорен уредник на фагазинот ДИК, а во 2015 година го основа и Институтот за квир-архиви. Користи уникатни алатки при уредувањето на материјалите, при што комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавања; нè насочува во поинаква насока за да прикаже алтернативни траги на сеќавањата. Не само што ги открива индивидуалните искуства туку и ги документира и историите на заедниците, при што не се ограничува единствено на Полска.

Делата на Раѓишевски  се поставувани во институции како што се Музејот на модерна уметност, Националната галерија за уметност Захета, Националната галерија за уметност, Центарот за современа уметност Замокот Ујаздовски, Варшава; Галеријата Вајтчепл, Лондон; Кунстхале Виена, Виена, Њу мјузиум, Њујорк; Видео Бразил, Сао Пауло; Музејот за фотографска уметност во Токио; Музејот за современа уметност Метелкова, Љубљана; Современиот музеј во Вроцлав и Музејот Штуки во Лоѓ. Учествувал во неколку меѓународни биеналиња, вклучително и ПЕРФОРМА 13, Њујорк; 7. Биенале во Гетеборг; 4. Биенале во Прага и 14. Балтичко триенале. Неговите филмови се прикажувани на Меѓународниот филмски фестивал Њу хорајзн на Т-мобиле, Вроцлав (2014, 2012); Филмскиот фестивал во Варшава (2022, 2019, 2013); ЛГБТИК+ филмскиот фестивал во Лондон БФИ Флер (2014) и Меѓународниот фестивал на кратки филмови Оберхаузен (2011); меѓу другите. Во 2021 година, „Стернберг прес“ ја издаде книгата „Моќта на тајните“ посветена на архивирањето на Раѓишевски.

Овогодишниот тематски фокус на фестивалот е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии, а проблемите што ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Постерот и календарот кој ја содржи деталната програма на Викендот на гордоста може да се погледнат на следниот линк. Каталогот претставува посебно издание што вклучува зборник од култни теориски текстови на темата КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ.

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк., a благодарение на несебичната поддршка на Heinrich Böll Stiftung, Фондација Отворено Општество Македонија, Министерство за култура на Северна Македонија, Friedrich Ebert Stiftung и Transgender Europe. Изложбата на Карол Раѓишевски  се реализира во партнерство со Заедно посилни, и е делумно поддржана од Европската унија. Перформансот на Малик Нашад Шарпе се реализира во партнерство со ТрансФормА, и е делумно поддржан од Transgender Europe. СРАМОТА! се реализира во партнерство со Тиииит!Инк. и е поддржано од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.

 

Карол Раѓишевски, Ева “Храбрата“ Хоушко, 2019, акрилик на платно пренесено во постер // Во 2017 година, Раѓишевски создаде дваесет и две слики во серијата „Почет“. Во оваа серија беа прикажани најистакнатите квир претставници од светот на уметноста, културата, науката и полската политика. Во 2020 година тој започна нова серија наречена „Галерија на портрети“- насликана во сличен стил, како природно продолжение на првата. Новата серија на портрети не следи строга хронологија како во „Почет“, а се проширува географски во поширокиот регион на Централна и Источна Европа и други земји.

Карол Раѓишевски, Ева “Храбрата“ Хоушко, 2019, aкрилик на платно пренесено на постер // Ева Хоушко е полска хероина која е непогодна за конзервативните политички кругови. Обидите за нејзино отстранување од историјата на “Солидарност“ се поврзани со нејзината родова транзиција во 2000 година. Раѓишевски ја комплетира полската иконографија на херои и хероини преку создавањето на нејзиниот портрет во форма на постер.

(во преден план, десно) Карол Раѓишевски, СИДА, 2014, акрилик на платно, 160х120; дел од проектот Кишеленд (серија 2012 и во тек); (во позадина, лево) Карол Раѓишевски, СИДА, 2012, дигитално печатен тапет

Карол Раѓишевски, 1989, 2017 година, тековно; мурал // Карол Раѓишевски како самовила, понекогаш како напуштена Пепелашка. Во неговата серија слики и мурали насловена "1989" година, уметникот се навраќа на цртежите од детството кои ги покриваа страниците од неговите тетратки. Повеќето од блoкчињата за цртање што преживеале датираат од преминот во 1989 и 1990г., кога деветгодишниот Карол не бил целосно свесен за процесите на промена што се случуваат во Полска. Падот на социјализмот, раниот капитализам и консумеристичката култура, како и киднапираните принцези, добри самовили и секси искушувачи. Уметникот сега се навраќа на своите стари дела од гледна точка на стекнатите искуства и идентитетот што му го дале. Префрлени од страниците на тетратката на платно и ѕидови, цртежите, сега во нови димензии, добиваат нов живот како самостојни слики. Во овој новосоздаден микрокосмос, куче-сирена обложена со накит се среќава со хипер-женствени фигури во стил кој потсетува на драг кралици. Не се напрегајте за да видите пирати, каубојци или тенкови - нема да ги најдете овде.

Карол Раѓишевски, Во 2000 година сите ќе бидат хомо ... сакаш ли да бидеш последниот, 2014; мурал

Карол Раѓишевски, „Зумбул“, 2020, акрил на платно, 140x140 // Кампањата „Зумбул“ беше масовна операција спроведена од 1985–1987 од страна на Цивилната милиција, чија цел беше да се соберат информации за полските хомосексуалци. Една од многуте наведени причини за кампањата беше да се спротивстави на епидемијата на СИДА, да се бори против проституцијата и да се заштити од криминалци, но и да се соберат компромитирачки материјали кои би можеле да помогнат во регрутирањето агенти. Повеќеслојната природа на кампањата е сè почесто истакнувана од истражувачите на настанот, кои тврдат дека не во сите полски градови „осомничените“ всушност претрпеле угнетување. „Зумбулот“ од Раѓишевски е првото визуелно претставување на овој историски настан во полската иконографија. При раскажувањето на приказната, уметникот повторно прибегнува кон експериментирање со традицијата на европското сликарство - овојпат, сепак, се осврнува на водечкиот претставник на неоекспресионизмот од 1980-тите, А.Р. Пенк. Преку квир интерпретација на Neue Wilde, Раѓишевски црпи од својата бруталност и исклучително силен израз, исполнувајќи го платното со цртежи од „Фило“ магазинот. Асоцијациите со пештерски слики ја водат нашата имагинација кон аматерските сексуални графити кои се наоѓаат во јавните тоалети. Под навидум промискуитетна и забавна фасада, уметникот крие политички мотив исполнет со насилство – дискриминација врз основа на сексуалноста. *Од кураторскиот текст на Михал Гжегожек, изложба „Моќта на тајните“, ЦЦА Ујаздовски замок, Варшава, 2019 г.

Институт за Квир архиви (2015 и во тек)

Ришард Кишел, Места за крузинг во Букурешт, Романија, 1970/1980-ти, колор фотографии // Ришард Кишел не е само основач и издавач на „Фило“, еден од првите квир зинови во Централно-источна Европа. Кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите, тој интензивно патувал низ Полска и остатокот од Источниот блок. Го документирал својот пат со фотографии направени со камера со среден формат. Некои од неговите снимки се случајни, тип на фотографии што би ги направил типичен турист, но главниот фокус на неговиот објектив биле отворените средби на хомосексуални мажи на јавни места, попознати како „места за крузинг“. Кишел бил заинтересиран да ги сними плажите, баровите, соблекувалните и јавните бањи каде се собираат геј мажи. Секоја фотографија ја елаборирал со детални белешки во кои се опишани имињата, адресите, насоките, работните часови и трошоците. Сликите на Кишел, поврзани со неговите опширни описи, требало да бидат составени во еден амбициозен едиторијал од големи размери. Тој на својот практичен прирачник му го дал работниот наслов: „Полски геј водич за европските социјалистички земји.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023