Изложби Тековни Следни Минати
EN

Современи екосистеми: истражување помеѓу уметност и екологија во Северна Македонија

08/10/ 2022 - 26/10/ 2022

 

Целта на овој иновативен проект е да ја стимулира јавната свест за важноста на природното наследство на Северна Македонија и на уметничката вредност на нејзиниот биодиверзитет, особено со основањето на новиот национален парк Шар Планина на границите со Косово и Албанија што ќе ја зголеми целосната површина на  заштитено подрачје до 14%.

 

За да го постигнат ова, двајцата италијански уметници, Роберто Геци и Антонио Масаруто, кои отсекогаш работеле „низ“ и „во“ природната животна средина, дојдoa во Северна Македонија за да ги создадат своите дела на терен, во интеракција со богатaта македонска фауна и флора. Проектот на тој начин овозможи да се повлече интересна паралела помеѓу прекрасната природа на двете земји.

 

Работата на уметниците е поделена во две фази: подготвително-креативна и изложбена фаза.

Во првата фаза (од 18 до 26 април о.г. – 22 април е меѓународниот ден на планетата земја), уметниците престојуваа во Националниот парк Шар Планина. Откако идентификуваа најсоодветни локации, Роберто Геци се зафати со инсталации насочени кон создавање „натурографии“ на одредени локации кои комуницираат со екосистемите, а пак Антонио Масаруто создаде скулптури и инсталации инспирирани од типичната фауна на локалната средина, со собирање на природни материјали веќе присутни на теренот.

Креативната фаза на проектот е комплетно документирана и е дел од завршната изложба, заедно со самите дела. За време на подготовката на делата се одржаа и организирани тури од студенти по ликовни уметности и дизајн.

 

Втората фаза, која се одржува во месец октомври 2022 (од 8ми заклучно со 26ти), е наменета за изложување на делата во просториите на Музејот на современа уметност во Скопје. Од истата ќе следува и каталог. Делата на уметниците се поставуваат со акцент на дијалог (концептуален и/или визуелен) со колекциите кои се веќе присутни во музејот.

 

ЗА УМЕТНИЦИТЕ

 

Сликарското и инсталационо творештво на Роберто Геци кое отсекогаш се засновало на неговиот силен интерес за природниот пејзаж (истражен преку пикторијално  претставување но и по пат на теренско експериментирање) се движи од еден појдовен, научен пристап кон органската реалност за потоа да достигне концептуална форма преку самата материја.

Натурографии, во суштина, се дела кои произлегуваат од студии и експерименти врз природни, најчесто неконтаминирани животни средини, и чиј што наслов го содржи во себе основниот концепт и на конечниот резултат и на процесот на творење. Вториот е всушност составен дел од делото, во патувањето до потеклото на односот помеѓу уметникот и природата, каде што носечки столб е интимниот сооднос помеѓу нив.

Уметникот создава со природата, но, истовремено, ја надгледува секоја фаза на создавање: од определувањето на почетните варијабли, до временскиот фактор, па се до конечната форма. Работата на Роберто Геци секогаш започнува од проучувањето на животните средини кои ќе станат терен  за создавање на инсталациите.  По истражувањето на животната средина (од естетска, физичка, хемиска и биолошка гледна точка) и изработката на точен графички проект, уметникот го избира материјалот, најсоодветната ткивна матрица за инсталацијата на која природата ќе дејствува со текот на времето. Оваа фаза е проследена со производство, инсталација на држачите и набљудување се до моментот на извлекување и конзервација, што се одвива кога ткаенините  ја завршиле својата интеракција со тлото во кое се потопени/закопани. Овој тип на модус операнди е отворен за повеќе интерпретации, од филозофска, уметничка и научна гледна точка.

Всушност, се работи за необична продукција  на мешани естетски канони (природно-човечки), симболични валенти (уметникот кој ја делегира “реактивната” компонента на природата), етичките аспекти, тенденцијата за разбирање и дијалог со пејзажот и неговото заштитување.

Покрај нивната неприкосновена уметничка содржина, натурографиите во себе вклучуваат и други значења. По својата внатрешна природа како збирка на “матрици”, тие се корисни индикатори за дефинирање на здравствената состојба на водниот, почвениот и воздушниот екосистем, за да можат да станат прелиминарна алатка која ќе се користи, заедно со класичните научни методологии, во испитувањата и лабораториските анализи, алатка која може да го одреди квалитетот на животната средина во која живееме, секогаш претставена со сложен и динамичен систем. Натурографијата може да дејствува како инструмент за мапирање и следење на територијата и биодиверзитетот кој ја карактеризира и разликува.

Всушност, тие се способни да го покажат капацитетот за раст и регенерација на елементите кои сочинуваат одредена средина: метода на одгледување, но не во услови на контролиран медиум во лабораторија туку во своето природно живеалиште.

 

 

Скулптурното и инсталационо творештво на Антонио Масаруто се храни со спонтани инспирации од природното наследство во кое работи. Домородни материјали, растителни материи, органски и неоргански, но исто така и културен и емоционален печат на пејзажот и на иконографските традиции конотирани во најкласичната уметничка традиција стануваат конкретниот материјал со кој што работи и матрица на естетското истражување, способно да ги спои вистинското и имагинарното, ехото на историјата со наговестувањата за иднината. Масаруто се поврзува со местото. Нуркајќи се целосно во него, тој го тестира и ги впива во себе неговиот субјект, суштината. Заради тоа, тој работи на својот експресивен потенцијал и, во инстинктивното градежно дело кое потекнува од неговото длабоко познавање на животинската морфологија, тој создава химерички ентитети кои лебдат помеѓу мимезата и митот. Неговите суштества, скицирани како скелети и примитивни или пак подетални форми кои обликуваат целосни солидни тела, изгледа како да си играат со времето.

Некои изгледаат како “фантастични битија”, кои, од една страна, ја eвоцираат силата на зооморфните суштества од класичната култура или бестијари од средновековната меморија но, од друга страна, во нивното раѓање од пејзажот – уште пред да се случи експлицитното истражување за нематеријалните мемории на територијата, тие стануваат потенцијални битија на пост-апокалиптичното утре.

Со апсолутна почит кон еколошкиот контекст, сè се реализира со природни материјали: ефимерни и преодни. Затоа времето е исто така она што неразумно распаѓа, ја брише и ја уништува човековата способност да гради убави и смели фасади.

Не постои ништо трајно. Нема слава во уметноста, туку слава на природата која дава сè и зема сè назад.  Од сите овие дела, можеби само документите и дигиталната меморија ќе останат да го хранат човековото око, во играта на вечно враќање,  и восхитувачкиот  човечки капацитет да ги зграпчи моменталните присуства и моќите во природни и виртуелни форми.

 

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Откривања: Дела од шпанската колекција

14/10/2024 - 03/11/2024

СЕРХАТ ЕМРУЛАИ: Се селиме на нова локација

5/09/2024 - 5/11/2024

НАЏА КРАЧУНОВИЌ: Во име на мајка, во презиме на татко

5/09/2024 - 5/11/2024

Албан Муја - Линијата што избледнува: Приказни за работ на легалноста

07/06/2024 – 28/08/2024