Изложби Тековни Следни Минати
EN

Дарко Алексовски: Пејзажи на восхитот

08/04/2022 - 26/05/2022

Пејзажи на восхитот е самостојна изложба на уметникот Дарко Алексовски, еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на 13. Меѓународно биенале на млади уметници (2021). Наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје.

Изјава од  авторот

Пејзажи на восхитот[1] е наративен и истражувачки уметнички проект составен од три засебни целини, кои меѓусебно наративно и формално се надополнуваат. Проектот е надоврзување на моите тековни уметнички интереси именувани како Места за мечтаење, и тргнува од чувствата на заљубеност во конкретни места и патувањето како метод за вчудовидување од секојдневниот живот, кои ги третира како утописки предлози за „надминување на ограничувањата на една отуѓувачка присутност [што] ни овозможува да видиме едно поинакво време и место.“[2] Пејзажи на восхитот е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на заљубувањето и невозвратената љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање.

Трите сегменти од кои е составен целиот проект се: Мал прирачник за мечтаење (A Small Handbook for Daydreaming) – тековна серија самостојно издадени уметнички зинови; Сцени од секојдневниот живот што постојано се одвиткуваат (Constantly Unfolding Scenes from Everyday Life) – серија дела кои се занимаваат со фрагментираноста и ефемерноста на пејзажите на секојдневието; и Хоризонт што не може да се види, но може да се замисли (A Horizon Which Cannot Be Seen, but Can Be Imagined) – серија колажи проектирани на аналоген проектор кои се занимаваат со сеќавања поврзани со хоризонтот како место кое е крајно недостижно. Делата во сите три сегменти се предлози за повеќеслојно прикажување на делови од мојата имагинација и нивната релација со стварноста во која се случуваат. Во таа смисла, предложените серии дела во различни медиуми, како и специфичното контекстуално поставување во музејскиот простор, приспособен за нивното исчитување, се формираат на пресекот помеѓу визуелните уметности и пишаната нарација како наративно средство.


[1] Пејзажи на зачуденоста (eng. landscapes of astonishment) е термин преземен од воведот на Cruising Utopia: The Then and There of Queer Futurity што Хозе Муњоз го користи за да ја контекстуализира поезијата на Френк О’Хера.

[2] Muñoz, José Esteban (2009) Cruising Utopia: The Then and There of Queer Futurity. New York and London: New York University Press.

Мал прирачник за мечтаење
серија дигитално печатени публикации на хартија, поврзани со рачно и машинско шиење со игла и конец; варијабилни димензии (секоја по 10,5 x 14,8 см)

Овој проект е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање.

Изложбата ја курираат: Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

„Во овој циклус од цртежи, авторот создава еден топол и поетско – лирски амбиент, инспирирајќи се од секојдневните теми. Станува збор за внатрешно чувствување и откривање, а тоа визуелно го гради во еден систем на квадрати. Имагинарната игра на реални предмети и секојдневни складни форми, кои со своите взаемни односи и контрасти чинат еден одделен свет во рамките на композицијата на цртежот и целата инсталација“, вели Ива Димовски.

На неа се надоврзува и кураторот Владимир Јанчевски, кој смета дека делата од оваа изложба на Алексовски, отвораат можност за повеќенасочно и подлабоко исчитување на релацијата меѓу имагинацијата на уметникот и стварноста во која таа се реализира.

„Преку употреба на различни медиуми во поставката, која е контестуализирана и адаптирана за конкретниот изложбен простор на МСУ-Скопје, авторот овозможува исчитување и на засебните дела и на целината, кои што се позиционирани на граничните точки на визуелното и наративното, укажувајќи на специфичниот комплементарен однос на сликата и текстот“, вели Јанчевски.

Останатите двајца наградени автори од 13. Меѓународно биенале на млади уметници, Наташа Неделкова и Дритон Селмани, исто така ќе се претстават со самостојни поставки во МСУ – Скопје во текот на оваа година. Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба на 07 мај, а Дритон Селмани ќе се престави со свои дела во месец ноември.

Со оваа награда, која подразбира реализација на самостоен проект, Музејот на современата уметност – Скопје, како одговорна институција, покажува грижа и отвора можности за надоаѓачките генерации македонски уметници, и со самото тоа има за цел да ги стимулира младите артисти да создаваат дела, кои добиваат шанса да ги покажат пред пошироката јавност.

Дарко Алексовски, Постојано одвивање на сцени од секојдневниот живот, 2022, серија цртежи на хартија, сканирани, дигитално уредени и печатени во 570 парчиња на хартија, закачени на ѕид; варијабилни димензии (секое 21 x 29.7 см). Награда на Музејот на современа уметност на 13. Биенале на Млади уметници 2021 // Darko Aleksovski, Constantly Unfolding Scenes from Everyday Life, A series of drawings on paper, scanned, digitally edited and printed on 570 pieces of paper, displayed on a wall; variable dimensions (each 21 x 29.7 cm). Museum of Contemporary Art Skopje Award at the 13. Biennial of Young Artists 2021

Constantly Unfolding Scenes from Everyday Life A series of drawings on paper, scanned, digitally edited and printed on 570 pieces of paper, displayed on a wall; variable dimensions (each 21 x 29.7 cm)

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Албан Муја - Линијата што избледнува: Приказни за работ на легалноста

07/06/2024 – 28/08/2024

Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил

28/05/2024 - 02/09/2024

Аквизиции – Донации 2022-2023

18/05/2024 - 25/08/2024

Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје

21/03/2024 – 29/09/2024