Големото стакло, број 37/38 објавува серија интервјуа со признати режисери, уметнички директори и куратори кои работат на различни биенални изложби во 2025 година, како на пр. 3-то Биенале во Хелсинки, 41-то Меѓународно ЕВА, 36-то Љубљанско Биенале за графички уметности, 13-то Меѓународно Биенале на уметноста (IBGCA), 13-то Биенале Моментум, 6-то Биенале на Уметнички средби и 16-то Биенале Шарја. Тука го објавуваме интервјуто со Кети Кивинен, раководител на Одделот за изложби во Музејот на уметности во Хелсинки HAM и Бланка де ла Торе, директорка на Институтот за модерна уметност во Валенсија. Кивинен и де ла Торе се уметнички директори на Биеналето во Хелсинки. Интервјуто го водеше Нада Прља пред отворањето на Биеналето.
НАДА ПРЉА_ Последните жители на островот Валисари заминаа во 1996 година(1), оставајќи го островот со децении ненаселен. Од една страна, просперитетната, недопрена природа на островот е населена со низа животни што пасат, чисти езера, обрасната вегетација и други фасцинантни нечовечки природни царства – додека од друга страна, историјата на човековата активност е плодно игралиште, ако ништо за друго, тогаш за имагинацијата на „воините од тастатурата“. Историјата на овој остров раскажува приказни за руското владеење во ХIX век, за утврдувања, бомбардирањето во 1854 година и поразот на бунтовниците во 1906 година. Згора на тоа, во 1950-те години, група авантуристички деца, жители на островот, влегуваа во армиските тунели и ископуваа забранети експлозиви. Овој остров е на само 20 минути возење со брод од Хелсинки, но сепак изгледа како приказна прочитана на глас од детска книга.
Имајќи го сето ова на ум, еден од клучните принципи на Биеналето е вклучување на нарачани сајт-специфични дела за секое издание, каде што уметноста води дијалог со историјата на островот Валисаари и неговата бујна природа.(2) Беше јасно уште од самиот почеток на вашиот концепт, објавен во јуни 2024 година, дека имате за цел да се спротивставите на антропоцентричната перспектива (3) и да се „фокусирате на теми надвор од човекот“. Ова не е изненадувачки, со оглед на моменталната состојба на островот Валисари.
Можете ли да објасните зошто се фокусиравте на не-човечките теми?
КАТИ КИВИНЕН И БЛАНКА ДЕ ЛА ТОРЕ_ Третото биенале во Хелсинки се обидува да нè оддалечи од антропоцентризмот за подобро да го разбереме деликатниот и сериозно неврамнотежен однос помеѓу човештвото и природата. Имајќи ја оваа цел на ум, во центарот на нашата кураторска работа поставивме различни не-човечки актери – растенија, животни, габи, елементи и минерали. Ние веруваме дека со префрлање на фокусот подалеку само од човештвото, можеме да направиме простор и да стекнеме разбирање за другите, а истовремено да се стремиме да најдеме поразновидни начини за осмислување и пренесување на знаењето за светот.
Изложбата, исто така, има за цел да истакне како сред оваа актуелна климатска и еколошка криза ни треба нова практика, којашто пошироко го разгледува влијанието на антропогената активност врз планетарната благосостојба. Уметниците ги фокусираат своите микроскопски набљудувања на природното опкружување, а исто така создаваат толкувања кои ги подготвуваат можните иднини. Ова е местото каде што моќта на уметноста е на најдобар терен – во нејзината способност да генерира нова инструменталност, додека истовремено создава нови реалности.
НП_ Самиот концепт на дистанцирање од човекоцентрична перспектива е ослободувачки. Има нешто позитивно и оживувачко во фокусирањето на не-човечки теми. Кои изложби или уметнички дела служеа како ваша водечка инспирација додека концептуално го развивавте Хелсиншкото Биенале 2025?
К&Б_ Не сум сигурна дали станува збор за некоја конкретна изложба или за некое конкретно уметничко дело, туку за практика која неколку уметници што ги поканивме да учествуваат на третото издание на биеналето веќе извесно време ја спроведуваат. А потоа, се разбира, огромен куп книги и текстови од различни писатели и мислители чии идеи го поддржаа развојот на нашата кураторска рамка.
Состојбата на планетата е исто така еден од клучните фактори зад избраната кураторска рамка, со потребата да се изнајдат нови начини за решавање на моменталната состојба и да се избегне губење на надежта и оптимизмот во проектот, што ретко води кон ново осознавање и проширување на перспективите. Затоа, нашиот кураторски пристап е мотивиран од потрагата, во текот на многу години, за поодговорни начини за справување со еколошката криза, како и намерата да ги поместиме сите наши искуства еден чекор понапред и да предложиме некои диференцијални линии кои означуваат промена на парадигмата во моделот „двогодишно“.
Бланка де ла Торе и Кати Кивинен, директорки на Хелсинки Биенале 2025, Фото: Ilkka Saastamoinen/HAM/Helsinki Biennial
НП_Бланка, како една од водечките куратори кои се занимаваат со прашања за одржливост, развивте конкретни насоки за редуцирање на еколошките траги од вашите минати проекти, како што се 15-тото Меѓународно Биенале во Куенка во Еквадор, „Ефектот на прегледност“ во МСУ Белград и „Con los pies en la T(t)ierra” во Лас Палмас де Гран Канарија, Шпанија, да наведеме неколку. Кои се вашите конкретни идеи за одржливостa и за Хелсинки Биенале 2025?
БT_ Мојата професионална цел долги години се фокусираше на тоа дека кураторството не е можно да функционира само на дискурзивно ниво, туку дека вклучува и развој на ситуирани културни практики кои ја земаат во предвид следењето на материјалите со кои произведуваме, како и процесите, соработниците, работниците и сите други луѓе кои се вклучени и, се разбира, воопшто, (еколошкиот, социјалниот, културниот) животен циклус на проектите и на климатската праведност во позадината.
Пристапот кон „одржливо курирање“ подразбира развој на проекти кои зборуваат за екологија во смисла на содржина, форма и став. Прикажувањето на еколошки уметнички практики, кои одат рака под рака со дискурсите за одржливост е начин да се стимулира колективната акција, да се преиспитаат нашите културни практики и да се поттикне зајакнувањето на животната средина. Тоа е линијата што ја развивам понатаму заедно со Кети и целиот тим.
НП_Кати, како една од најплодните европски куратори и раководителка на изложби во Музејот на уметност во Хелсинки (ХАМ), како ја гледате вашата улога како раководителка на изложби во врска со тоа што сте ко-куратор на биенале? Каде се преклопуваат овие улоги и како се разликуваат? Можете ли да осврнета на аспектот на уметничките дела за јавен простор на Биеналето и на идејата за развојот на колекција на нарачани уметнички дела во јавен простор на островот?
КK_ Тоа е добро прашање и не е лесно да се одговори. Овие улоги се преклопуваат на многу начини, на добар, но и на предизвикувачки начин. Најголемиот предизвик е секако времето, бидејќи и двете позиции бараат многу од тоа. Но, во исто време, едната улога ја поддржува другата, а јас можам да бидам водич на Бланка во институцијата со која е ангажирана неколку години за да работи со нас. Како раководител на изложби, мојата работа опфаќа не само развој на кураторската програма за музејот со мојот тим куратори, туку и значителна количина административна работа. Додека во проектот за Биеналето, имам слобода да се концентрирам повеќе на содржината заедно со Бланка, бидејќи имаме извонреден продукциски тим што работи со нас.
Бидејќи ХАМ е главен продуцент на нова уметност во јавните простори на градот Хелсинки, ние исто така сакаме да најдеме синергија помеѓу биеналниот проект и новите нарачки за уметност во јавни простори. Има многу предизвици што ни претстојат, главно поврзани со предизвиците во распоредот – проектите на јавната уметничка нарачка имаат тенденција да бидат прилично долги процедури, честопати траат неколку години, додека во биеналниот проект ние сме врзани за распоредот на производство на две години. Но, понекогаш тоа функционира совршено и за следната година веќе имаме две нови јавни уметнички нарачки на дела кои ќе имаат премиера на Хелсиншкото биенале. После тоа, имаме намера да најдеме нова локација во градот Хелсинки.
НП_ Бланка пишува: „Тоа не е прашање на избор; [одржливоста] е единствениот можен начин.“(4) Ова се усогласува со Стратегијата за градот Хелсинки 2021–2025, која вели дека „Биеналето во Хелсинки (…) од самиот почеток е посветено да произведува уметност на одржлив начин, производство на уметнички дела од кои ќе се состои Биеналето во 2025 година. Дали одржливоста ќе биде интегрирана во идеите презентирани од уметниците и ќе се рефлектира во комуникацијата на уметничките дела со посетителите, или ќе биде врамена исклучиво во рамките на процесот на производство на уметничките дела (на пример, обезбедување дека делата не се испорачуваат преку DHL или дека нивното производство избегнува употреба на материјали што не се разградуваат)? Со други зборови, дали одржливоста е вашата концептуална рамка или средство за производство на уметничките дела или и двете?
КK_ Одржливоста не застанува на концептуалната рамка на изложбата, туку се протега сè до производството на сите различни нивоа. За ова создадовме и декалог за одржливо ситуирано биенале, кое го разјаснува нашиот етос зад изработката на изложбата, но исто така служи како водич за сите вклучени во проектот – куратори, уметници, продукциски тим и соработници – за тоа како треба да ги процениме сите избори во проектот.
БT_ Точно. „Одржливоста“ не е тема или концепт, на ист начин како што „феминизмот“ не може да биде само тема. Таа мора да биде вградена структурно, во секоја институција, секој музеј, секој проект, секој настан и секоја одлука што ја носиме. Затоа ни треба системска промена за да можеме да се соочиме со еколошката вонредна состојба.
(1) “History,” Vallisaari, National Parks of Finland, accessed October 01, 2024, www.natio- nalparks.fi/vallisaarihistory.
(2) “Sustainability,” Helsinki Biennial, accessed October 01, 2024, helsinkibiennaali.fi/en/ sustainability/.
(3) “In Helsinki Biennial 2025, the Curators Focus on Non-Human Subjects,” Helsinki Biennial, accessed October 01, 2024, helsinkibiennaali. fi/en/story/in-helsinki-bien- nial-2025-the-curators-fo- cus-on-non-human-subjects/.
(4) “Blanca De La Torre,” Blanca De La Torre, accessed October 01, 2024, blancadelatorre.net.
(5) “Sustainability,” Helsinki Biennial, accessed October 01, 2024, helsinkibiennaali.fi/en/ sustainability/.
Сите интервјуа може да се најдат во печатената верзија на списанието на The Large Glass, бр. 37/38 во продавницата на МСУ Скопје или да се нарача на info@msu.mk
3-то Хелсинки Биенале се одржува од 8 јуни до 21 септември 2025 година.
Насловна фотографија: Олафур Елијасон, Машина за гледање, 2001/2003. Helsinki Biennial 8.6.–21.9.2025, Vallisaari Island. © 2001/2003 Olafur Eliasson. Photo: HAM / Helsinki Biennial / Maija Toivane