Новости Мира Гаќина се повлекува од позицијата директор на МСУ Скопје
EN

Мира Гаќина се повлекува од позицијата директор на МСУ Скопје

Музејот на современата уметност – Скопје ја известува јавноста дека првиот човек на институцијата, Мира Гаќина, по шест години успешно извршување на должноста директорка на музејот, се повлекува од лични причини.

 

Мира Гаќина, која на директорската позиција на МСУ беше од средината на 2017 година, по вокација е историчарка на уметноста, магистер по музеологија, со докторат по продукција и управување на институции од културата – студија на случај МСУ-Скопје. Формирајќи и успешно работејќи со тим од искусни и докажани професиналци во својата струка, Мира Гаќина изминатите години успеа да го  стави МСУ на мапата на европските и светски музејски центри, реализирајќи повеќе капитални изложбени проекти. Еден од последните големи меѓународни проекти, кој сѐ уште е во тек е изложбата “Ниедно чувство не е конечно: Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ во Кунстхале во Виена, изложба која го реафирмира основниот карактер на МСУ Скопје како музеј на интернационалната солидарност. Изложбата идната година ќе патува и во Прага, а во тек се контакти и со други музеи за проширување на димензиите на овој проект.

Серијата изложби „Се што ни е заедничко“ која вклучуваше дела и лично присуство на редица релевантни светски и регионални уметници, потоа соработката на изложбени проекти во Краков, Солун и ко-партнерството со Манифеста, една од најзначајните светски манифестации на современата уметност, се исто така само дел од листата на успешни меѓународни проекти на МСУ. Тука треба да се спомене и извонредно успешната Интердисциплинарна програма, која заедно со обновеното издавање на списанието „Големото стакло“, го овозможи претставувањето на денес релевантните теориски и критички практики.  Овие меѓународни успеси беа крунисани со приемот на МСУ во CIMAM (Меѓународно здружение на музеи на модерна уметност), како и  со меѓународната награда „Жива“ доделена на МСУ за креативност и посебни постигнувања.

Во својот мандат, Мира Гаќина и тимот на МСУ во континуитет продуцираа поставки во кои изложуваат светски познати и домашни докажани уметници.

Од исклучително значење за музејот и македонската уметност и култура е и повторното заживување на донаторската димензија на МСУ, збогатувајќи ги збирките со над стотина нови подароци од странски и македонски уметници и донатори. Во овој период МСУ ја подигна на многу повисоко ниво и важноста на своите едукативни програми како една од суштинските социјални димензии на музејот.

 

Аријане Шпаниер, графичко студио Берлин, дизајн на новото лого на МСУ Скопје

 

„Веројатно многу скопјани, како и јас, биле, и уште се фасцинирани од објектот на МСУ, кој спокојно го набљудува Градот, без да се наметнува.

Но, каква е вистинската вредност на неговата колекција, а особено на неговиот концепт, како музеј инициран и остварен од страна на уметниците осознав со време, преку моите студии и споредби со други светски музеи.

Можноста да го демонстрирам потенцијалот на оваа Институција, МСУ, ја прифатив знаејќи однапред колку многу заљубеници има Музејот и сметајќи на ефектот што може да го предизвика нивниот ентузијазам за повторно заживување на МСУ, следејќи ги пионерските идеали. 

Овој Музеј на солидарноста го замисливме како Отворен Музеј, отворен за сите генерации, за сите групи, за сите заедници, пред сè, за скопјани, како интегрален дел на Старо Скопје, со целата негова културна различност, следејќи ја оригиналната Мисија. Но најважно, мислам, е што инспириравме нова генерација на меѓународни и наши уметници да му подаруваат дела на Музејот. Солидарноста како вредност се издигна над спонтаната реакција предизвикана од земјотресот во музејски концепт, како (низ) трансгенерациска врска на авторите.

И покрај тоа што на некое време ќе се оддалечам од МСУ, засекогаш ќе останам мотивирана да учевствувам во неговиот натамошен развој, задоволна што Музејот, по 60 години од неговото основање е повторно една од  најубедливите вредности на скопскиот урбан живот“, вели Мира Гаќина за годините поминати на оваа функција.

 

Истакнувајќи некои од позначајните постигнувања, стручниот тим и вработените во  Музејот на современата уметност се надеваат дека овој тренд на подигнувањето на нивоата на работата на институцијата ќе биде соодветно препознаен и ќе наиде на уште поголема поддршка од Министерството за култура и долгогодишнте партнери и поддржувачи.