Познатиот македонски сценограф Крсте Џидров – Џиби ја донираше од својата приватна колекција, серијата концептуални дела од циклусот Белешки на неодамна починатиот уметник Симон Узуновски (1949 – 2018).
Појавата на Симон Узуновски на македонската ликовна сцена во половината на седумдесетите години на минатиот век започнува со работата на слики во традицијата на апстрактниот експресионизам, по што набрзо следи неговиот интерес за концептуалистичките практики на темелно преиспитување на традиционалните сликарски и скулпторски медиуми. Започнувајќи ги своите истражувања со серија објекти изработени со леплива лента (Тркалајки, Марија, Преспа), по кои настануваат бројните апликации со селотејп на стакло и хартија, Узуновски ги реализира неговите познати просторни инсталации во аулата на Филозофскиот факултет и во Дом на младите “25 мај” во Скопје, кои ја означуваат за прв пат во македонската уметност појавата на site-specific инсталациите. Узуновски преку овој опус воспоставува релации во најширока смисла со пост-авангардните движења од средината на 70-те години, со кои беа пробиени конвенционалните јазични бариери во уметничкиот израз. Со циклусот Белешки, во кои спаѓаат и делата донирани од Џидров, Узуновски ги превзема семејните пораки и потсетници за пазарење дневни намирници, воведувајќи го како и со лепливата лента, “баналниот“ секојдневен предмет, или во овој случај исечокот од секојдневниот живот во сферата на уметничкото.
Донацијата на Крсте Џидров Џиби, ја збогатува колекцијата на дела на Симон Узуновски во Музејот на современата уметност, во која влегуваат некои од неговите најзначајни дела со леплива лента, како што е “тркалајката“ Човек и птица, 8 колажи од циклусот Ливада и објектот Преспа.
Симон Узуновски, Леб 2 ком., од циклусот Белешки, донација на Крсте Џидров Џиби