03/04/2025
Факултетот за ликовни уметности – Скопје оваа година одбележува 45 години од своето основање, потврдувајќи ја својата водечка улога во високото уметничко образование. Од 1980 година, факултетот е центар за креативен развој, каде што се формираат генерации уметници кои оставаат значаен белег на домашната и меѓународната сцена. Низ децениите, со постојани иновации во наставните програми, ФЛУ останува посветен на унапредување на современите уметнички практики и создавање простор за нови идеи, притоа одржувајќи ја врската меѓу традицијата и модерните текови во уметноста.
Почетоците на високото уметничко образование во Македонија се поврзани со потребата за систематско и академско насочување на талентираните млади уметници. Факултетот за ликовна уметност – Скопје е основан на 31 март, 1980 година со одлука на тогашните надлежни органи, како дел од напорите за создавање високообразовна институција посветена на уметноста. Како составен дел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, факултетот беше формиран три децении по основањето на самиот универзитет во 1949 година. Неговото создавање беше иницирано од д-р Тома Прошев, тогашен директор на Универзитетскиот центар за уметности во СР Македонија, кој препозна потреба од академска институција што ќе ги едуцира идните генерации на ликовни уметници.
За организацијата и структурирањето на новиот факултет беше формирана Матична комисија, предводена од Васко Поповски, потпретседател на Собранието на Град Скопје, и поддржана од истакнати професори и уметници како проф. д-р Борис Петковски, акад. Коста Ангели-Радовани, акад. Петар Мазев, акад. Богдан Боричин, акад. Миле Јовановиќ и проф. Илија Џувалековски. По нивниот избор, на 23 април 1980 година беа назначени првите наставници, меѓу кои академските сликари Петар Мазев, Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков (прв продекан), акад. вајар Петар Хаџи-Бошков (прв декан), акад. сликар и графичар Драгутин Аврамовски-Гуте. Со усвојување на наставните програми, факултетот официјално започна со работа на 16 јули 1980 година.
По повод овој значаен јубилеј, ФЛУ организира ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, која прикажува избор на дела од колекцијата на МСУ и дела во сопственост на уметниците -наставен кадар на ФЛУ, нагласувајќи го еволутивниот тек на уметничките изрази и практики во последните четири и пол децении. Изложбата е пропратена и со документарни прилози од историјата и активностите на ФЛУ.
Покрај изложбата, организирани се предавања од истакнати алумни кои ќе ја истражуваат улогата на ФЛУ во современиот уметнички и културен дискурс. Настанот има за цел не само да оддаде почит на богатото наследство на факултетот, туку и да отвори нови перспективи за неговата иднина.