Изложби Тековни Следни Минати
EN AL

СОЛИДАРНОСТА КАКО ИДНИНА

29/09/2026 - 29/10/2026

 

„Солидарноста како иднина“ е изложбен проект кој преку внимателно избрана селекција од најзначајните европски збирки на Музејот на современата уметност – Скопје го отвора прашањето: што останува по еден чин на солидарност и како неговото значење се менува низ времето?

Француската колекција на МСУ – Скопје е создадена во непосредниот контекст на скопскиот земјотрес од 1963 година. По катастрофата, францускиот писател и критичар Жан Касу иницирал повик до уметниците за донирање дела за Скопје. Преку ангажманот на првиот директор на МСУ, Борис Петковски, била воспоставена директна врска со париската уметничка сцена, која во тој период претставувала еден од центрите на европската и светската уметност. Особено внимание ќе се посвети на фактот дека француската колекција не е строго „национална“ колекција. Париз во периодот по Втората светска војна бил меѓународна уметничка средина во која се среќавале уметници од различни земји, култури и традиции. Токму оваа разновидност ја претвора колекцијата на МСУ во сведоштво за еден поинаков модел на Европа – Европа на движење, размена, различност и културна отвореност. Така, еден чин на меѓународна солидарност прераснал во трајна културна вредност и во една од најзначајните компоненти на меѓународната колекција на МСУ. Изложбата ќе претстави селекција на дела од француски и меѓународни уметници поврзани со француската уметничка сцена, преку која ќе се воспостави дијалог помеѓу минатото и сегашноста. Во изборот ќе бидат застапени уметници како Виктор Вазарели, Ханс Хартунг, Пјер Сулаж, Ана-Ева Бергман, Димитар Пандилов, Никола Мартиноски, Борко Лазески, Владимир Величковиќ, Петар Лубарда, Јустино Алвез, Александар Трижуљак, Владислав Фрич, Јанис Михас, Франческо Сомаини и итн. – автори чии дела се дел од француската, односно европската колекција на МСУ и ја одразуваат нејзината изразито интернационална природа. Селекцијата нема да биде конципирана како класичен историски преглед, туку како простор за ново читање на колекцијата. Делата ќе бидат поставени околу неколку клучни прашања: Како една колекција создадена преку солидарност ја памети историјата? Дали уметничкото дело може да биде сведоштво за еден колективен чин? Што значи солидарноста денес? И што можеме да изградиме по солидарноста? Проектот не се обидува само да се наврати на еден значаен момент од историјата на Скопје и МСУ, туку настојува да одговори на прашањето како наследството на солидарноста може да стане активна вредност во сегашноста и основа за една поотворена, поразновидна и посолидарна заедничка иднина.

Изложбата е поставена во соработка со Францускиот институт и програмата „Европски дијалози: Наследства и европска иднина“, кое се одржa од 29 септември до 2 октомври 2026 година, https://ifs.mk/dialogues-europeens

Насловна илустрација: Пјотр Ковалски, Со едно мало поместување на главата, 1974, сито-печат на хартија, 56,5 х 90см, графичка збирка на Музејот на современата уметност Скопје.

  

Изглед од поставката / Pamje e ekspozitës

Пјотр Ковалски, Со едно многу лежерно поместување на главата, 1974, сито печат на хартија, 56,5 х 90см. / Piotr Kowalski, Me një zhvendosje të lehtë të kokës, 1974, serigrafi në letër, 56,5 x 90 cm

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

ЛАЗЕ ТРИПКОВ: Имерзивна трансформација на глаголицата

21/08/2026 – 05/09/2026

ПРЕКИН ВО ТЕК

29/07/2026 - 20/08/2026

ТАПЕТИ

02/06/2026 - 30/07/2026

АНАРХИЧНИ ТЕЛА: Согласност да не се биде едно

30/05/2026 - 21/08/2026