15/10/2025 - 14/11/2025
Самостојна изложба на Ибрахим Махама во Музејот на современата уметност – Скопје
Отворање: 14 октомври, 2025 година во 18 часот
Траење на изложбата: 15/10/2025 – 14/11/2025
Специјално отворање на проектот, со можноста публиката да се сретне со светски реномираниот уметникот Ибрахим Махама ќе се одржи на 14 октомври, 2025 година со почеток во 18 часот.
Делото на Махама, кое ја обвиткува фасадата на Музејот на современата уметност, претставува прва негова самостојна изложба во земјава.
Текстилната површина, составена од над 1.000 јутени вреќи кои ја обвиткуваат зградата, се секојдневно користени за транспорт на стоки и производи, првенствено во економиите на глобалниот југ, носејќи ги на себе историските траги од процесите на трудот, размената, реферирајќи на теми како глобализацијата и миграцијата, експлоатацијата и економската нееднаквост. Преку поврзување на јутените вреќи и нивното инсталирање на површината на зградата на музејот, делото истражува како историските настани се вградени во материјалноста на јутените вреќи и како преку оваа инсталација фасадата се преобразува во политичко огледало.
Основан во 1964 година, МСУ – Скопје е создаден како платформа за уметничка размена, културна и меѓународна соработка. Изграден од донации после катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, претставува материјално здание на принципот на солидарност, место кое го одразува ветувањето за подобро општество.
Интервенцијата на Махама го обновува основачкиот етос на музејот, потврдувајќи ја улогата на уметноста во општеството и нејзиниот потенцијал да претставува и одразува акти на солидарност без оглед на различните просторни и историски контексти и ситуации. Зградата на музејот нераскинливо се поврзува со инсталацијата и јутените вреќи на Махама, станувајќи пандан во изразувањето и повторно промислувајќи ја и воспоставувајќи ја солидарноста, спротивно на доминантните глобални односи на моќ и експлоататорската геополитичка динамика.
За уметникот
Ибрахим Махама е роден во 1987 година во Тамале, Гана. Тој живее и работи во Акра, Кумаси и Тамале. Одбрани самостојни изложби вклучуваат Барбикан центарот, Лондон (2024); Кунстхале Оснабрик, Германија (2023); Ауде Керк, Амстердам (2022); Фрак Пејс де ла Лоар (2022); Хај Лајн, Њујорк (2021); Музеј на уметноста на Универзитетот во Мичиген (2020); итн. Учествувал на бројни групни изложби, вклучувајќи го 4-то издание на Биеналето во Лагос, Лагос (2024); Биенале на Малта и Гозо (2024), 15-то Биенале во Шарџа, Кина (2023); 18-то Меѓународно биенале на архитектура во Венеција (2023); 35-то Биенале во Сао Паоло (2023); Музеј на ликовни уметности, Хјустон (2021); Центар Помпиду, Париз (2020); 22-ро Биенале во Сиднеј (2020); Павилјон на Гана на 58-мо Биенале во Венеција (2019); Документа 14, Атина и Касел (2017); Кунстал Шарлоттенборг, Копенхаген и Холбек (2016); 56-то Биенале во Венеција (2015); итн.
Надвор од својата уметничка практика, Махама активно се стреми да ја редефинира улогата на уметноста во општеството. Тој ги основа Центарот за современа уметност „Савана“ и Студиото „Црвена глина“, обете институции посветени на образование, експериментирање и уметничка пракса водена од заедницата во северна Гана. Во 2023 година, Махама беше назначен и за уметнички директор на 35-тото Љубљанско биенале за графички уметности, Љубљана.
Поддршка
Изложбата ја реализира Музејот на современата уметност Скопје со финансиска поддршка и паритетен придонес од Министерството за култура и туризам, како и од Фондацијата Рајтман (Reitman Foundation), Лондон; Евролинк осигурување; Завар; Раде Кончар; Градежен Факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј; Македонска алпинистичка федерација и Викиекспедиции, сите од Скопје.
Пријатели на МСУ Скопје: Галеријата Вајт Kјуб (White Cube Gallery), Лондон, Њујорк, Хонг Конг, Париз, Сеул; Палацо Галерија (Palazzo Gallery), Бреша и Тиквеш, Кавадарци.