Изложби Тековни Следни Минати
EN

Изложба на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски

26/09/2024 Четврток во 20:00 часот

Дан и Лиа Пержовски, кои ги исцртуваат ѕидовите на МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен… ќе имаат самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје.
Ова е исклучително ретка можност во Скопје да присуствуваат светски познати уметници, кои ги поместуваат границите на современите уметнички практики денес.
 
Изложбата на светски реномираните уметници Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот и Лиа Пержовски истражувачка, уредничка и концептуална уметница ќе биде отворена на 26 септември во 20 часот.
 
Дан Пержовски ќе се претстави со уметничкиот проект „Обновени вести“ – (ReNews), а Лиа Пержовски со „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ – (Survival Kit (a selection from Knowledge Museum))
 
Кураторка на изложбата е Мира Гаќина.
 

Изложбата претставува уникатен поглед на делата на двајца водечки современи уметници, кои ги истражуваат културните, социјалните и политичките реалности на денешницата.

Дан Пержовски е познат по своите минималистички, брзи цртежи, кои често се исполнети со иронија, хумор и политички коментари. Користи различни форми на цртање – од ѕидни инсталации, уметнички книги, до активистички цртежи – за да ја критикува и анализира современата реалност. Неговите дела адресираат теми како што се воените конфликти, миграцијата, политичките системи и глобалните економски предизвици. Тој цртањето го трансформира во медиум за комуникација на актуелни општествени теми, а неговите инсталации се карактеризираат со спонтаност и непосредност, што ги прави уникатни и привремени. Најчесто ги создава своите цртежи во светски познатите музејски простори, како оние во Музејот на модерна уметност во Њујорк, каде што ги создаваше пред очите на посетителите. Друга изложба на Пержовски пак е нацртана на ѕидовите од португалска банка и се состои од стрип цртежи, кои се однесуваат на повеќе европски прашања како што е прифаќањето на Романија во ЕУ и легализацијата на абортусот во Португалија. Неговата работа ги одразува, над се, човечките прашања, и општествените односи.
Пержовски има реализирано бројни самостојни изложби во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, ВанАбе Музејот во Ајндховен, МАКРО во Рим, Киазма Хелсинки и Лудвиг Музејот во Келн. Учествува на бројни престижни групни изложби и манифестации, како Документа 15, Биеналето во Венеција, Биеналата во Истанбул, Лион, Џакарта, Сао Пауло и Сиднеј. Од 2010 година, Пержовски го продуцира цртачкиот проект во јавен простор насловен „Хоризонтален весник“, во Сибиу Романија.

Лиа Пержовски е концептуална уметница и истражувачка, која преку својата работа создава врски помеѓу уметноста, науката и образованието. Нејзиниот проект „Музеј на знаењето“ (Knowledge Museum) е долгогодишен истражувачки напор за архивирање и пренесување на информации од различни полиња на знаењето. Нејзините дела често ги доведуваат во прашање нормите на гледање и разбирање на светот, разгледувајќи како перцепцијата е обликувана од општествените, политичките и културните контексти. Таа е основач на неколку платформи и институции како „CCA“ – архивата за современа уметност Букурешт и „КМ“ – Музејот на знаењето, како и „TSK“ – Телескопскиот простор на знаењето. Лиа Пержовски има реализирано самостојни изложби во Нашер музејот во Далас, Галеријата Иван во Букурешт, Музејот ESPAI Castellon во Шпанија, како и редица групни изложби, меѓу кои во Центарот Помпиду-Бобур во Париз, Тејт Модерн Лондон, МАКБА Барселона и Биеналата во Сао Пауло и Сиднеј.
 
“Оваа изложба ги испреплетува нивните заеднички пристапи, притоа нудејќи повеќестрана визија за тоа како уметноста може да служи како медиум за општествена критика и трансформација. И покрај различните медиуми во кои работат, и двајцата уметници ја делат заедничката цел да ја искористат уметноста како инструмент за ангажирање и промена“, вели кураторката Гаќина.
 
Проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ на Лиа Пержовски е дел од нејзиниот поширок проект познат како „Музеј на знаењето“, во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури преку серија интерактивни и концептуални дела. Сет за преживување е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот. Проектот може да вклучува и различни интерактивни компоненти кои ги поттикнуваат гледачите да се вклучат и размислуваат на поинаков начин, користејќи ги визуелните елементи за да создадат нови перспективи и критичко размислување.
 
Проектот „Обновени вести“ на Дан Пержовски се фокусира на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Замислен како динамична и еволутивна визуелна хроника, која реагира на тековните настани и промените во светот. Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект често вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на интензивен начин ја истражуваат и визуелизираат комплексноста на современата политика и општество. Дан Пержовски се фокусира на тоа како медиумите и информациите влијаат на нашето разбирање на светот, и „Обновени вести“ е негов обид да ги истражи и предизвика традиционалните наративи и начин на известување. Со тоа, уметникот ги поттикнува гледачите да размислуваат за информираноста, пропагандата и моќта на медиумите.
 
Дан и Лиа Пержовски учествуваа на групната изложба „Лаф муабет“ (Small Тalk) организирана во МСУ – Скопје, 2001 година. Тие се на листата донатори на колекцијата МСУ-Скопје. Мината година престојуваа во МСУ, каде одржаа предавање на тема „Постојано репозиционирање, помеѓу локалното и глобалното“ и работилница „Цртање, разговарање и споделување“.
Визуелно решение: Илиана Петрушевска

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Албан Муја - Линијата што избледнува: Приказни за работ на легалноста

07/06/2024 – 28/08/2024

Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил

28/05/2024 - 02/09/2024

Аквизиции – Донации 2022-2023

18/05/2024 - 25/08/2024

Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје

21/03/2024 – 29/09/2024