30/05/2026 - 30/07/2026
Наспроти силата на нужноста што го организира доминантниот општествен и политички поредок, оваа изложба предлага да (го) мислиме со телото како анархично – како жива, динамична и мислечка материјалност што не може да се сведе на стабилен идентитет, функција, судбина или форма. Наместо индивидуализирано и приватизирано единство, телото овде станува процес: фрагментирано, прекршено, изложено на други тела, технологии и средини, во постојано постанување. Новосоздадените дела на уметниците го истражуваат токму ова поле на нестабилност. Телото се појавува како релација, како афект, како глич, како линија, како дипла, како отворена структура што одбива да се затвори во себе. Наместо репрезентација, овие дела нудат апстракции на телесноста. Не како оддалечување од телото, туку како негово распрснување во повеќекратни можности на (со)појавување.
Инспирирана од квир, феминистички и деколонијални перспективи, изложбата евоцира помалку познати, подзаборавени или, пак, ризични архиви, фигури и форми на живот, вклучувајќи ги: дивото, и нарушувањето на желбата во еден постприроден, простетички и антителеолошки свет; различните транс* тела, дисидентите на полово-родовиот систем, дилдо контрасексуалноста и телесните родови експерименти; екстравагантноста и ексцесивноста на либидиналната економија отаде модерната сексуална класификација; своеглавите и инаетливи тела на непослушните деца, девојчиња и лезбејки; црните изопачености во расистичка Америка, или, пак, прекрасните експерименти на слободно живеење и секојдневната анархија на обичните црни девојки и жени како отпатни животи отаде антицрниот свет на белиот полициски либерализам и респектабилност.
Изложбата ѝ пристапува на телесноста како нешто што не мора да биде целосно видливо и читливо. Напротив, инстира на правото на непроѕирност. Во таа смисла, квир перспективата не се јавува само како прашање на идентитет, туку како поетска и политичка сила што ги разградува нормите и класификациите на родот, сексуалноста и телесната кохерентност, отворајќи простор за дивата сила на плотта, за множественост и непредвидливост. За прекрасни импровизации и изведбени експерименти, за реконфигурации на сензибилното, и одбивање на управувањето.
Да се мисли со анархични тела значи да се прифати да бидеме нецелосни. Не едно, туку распрснати во кореграфиите и еротизмот на бегството, во цик-цак линии кои се измолкнуваат на линеарноста на оваа изложбена поставка.
Куратор: Славчо Димитров
Застапени уметници: Дарко Алексовски, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Христина Иваноска, Јован Јосифовски, Александра Петрушевска и Тереза Лазарев, Јане Чаловски
Изложбата е дел од Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Skopje Pride Weekend 2026
Насловна фотографија: Ѓорѓи Десподов, „Проба за тело.обј“, 2026, релјеф, 65×30 см, 3-Д печатена пластика (PLA) со примена на флокирање, гравиран акрил (фотографија: Жарко Чулиќ)