20/06/ 2017 - 01/08/ 2017
Дела на хартија за прв пат низ ретроспективен преглед ги претставува графичкиот и цртачкиот опус на еден од најзначајните македонски скулптори Петар Хаџи Бошков (Скопје 1928 – 2015). Цртежот и графиката претставуваат значаен сегмент од создавањето на неговиот скулпторски опус, но се истовремено и автономен дел во формирањето на неговите уметнички и авторски дострели.
Хаџи Бошков е исклучително плоден уметник кој во текот на педесет години од своето творештво има зад себе оставено околу 2000 графики и цртежи, со кои се претставува редовно на своите самостојни изложби, но и на многубројни меѓународни изложби, а добитник е и на редица домашни и интернационални награди за графика. Овој дел од неговото творештво, досега е поцелосно прикажан единствено во рамките на неговата прва ретроспективна изложба во Музејот на совремемната уметност во Скопје во 1989 година.
Изложбата Дела на хартија вклучува селекција од над 500 графики, цртежи, графички мапи, скици, студии и колажи, од кои неколку значајни циклуси и проекти на уметникот ќе бидат изложени за прв пат пред нашата јавност. Така на пример, на изложбата ќе може да се види последниот голем циклус на извонредно сугестивните монотипии и цртежи насловени Психопејзажи, работени помеѓу 1998 и 2004 година, како и скиците и подготовките за проектот Крајот на векот за нереализираното учество на Биеналето во Венеција во 1999 година. Но освен нив ќе бидат поставени и повеќе неизложувани или за помладата публика непознати циклуси и поединечни дела. На изложбата е вклучен и помал избор на скулптури како референтни точки во релацијата со делата на хартија.
Насловот на изложбата Дела на хартија го означува начинот и техниките кои Хаџи Бошков ги применува во овој медиум, а кој покажува дека без оглед дали се работи за графичко дело или скица за разработка на некоја идеја, приодот на уметникот е како кон посебно и завршено уметничко дело. Универзалните теми на човекот или фигурата, земјата или пејзажот и космосот или просторот, кои Хаџи Бошков ликовно ги обработува во неговото импресивно скулпторско творештво главно со помош на ритамот на светлината и сенката, во делата на хартија имаат посебна снага и значење, не само поради мајсторството на уметникот во владеењето со цртежот и графичките техники, туку и поради спецификите на медиумот кои вклучуваат поголема наративност и симболичност во претставувањето.
Куратор на изложбата е Зоран Петровски. По повод изложбата ќе биде отпечатен и репрезентативен каталог со есеите на историчарите на уметноста Лилјана Неделковска и Лазо Плавевски кои пишуваат за делото на Хаџи Бошков Петар и неговото значење за модернизмот во македонската култура.
Изложбата е реализирана со финансиска поддршка на Министерството за култура.
Генерален спонзор на Музејот на современата уметност и на печатењето на каталогот за изложбата е Еуролинк Осигурување.
Албан Муја - Линијата што избледнува: Приказни за работ на легалноста
07/06/2024 – 28/08/2024
Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил
28/05/2024 - 02/09/2024
Аквизиции – Донации 2022-2023
18/05/2024 - 25/08/2024
Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје
21/03/2024 – 29/09/2024